Џафери: Ќе се преиспита статусот на Груевски во парламентот

Вонредна координација со потпретседателите на парламентот и со координаторите на пратеничките групи за разгледување на статусот на Никола Груевски како пратеник најавува спикерот Талат Џафери, откако поранешниот премиер објави дека пребегал во Унгарија.
-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го пријавуваше досега Груевски како отсутен од седниците, што се смета како оправдано отсуство. Таков допис добив и пред почетокот на денешната седница. Но, откако Груевски објави дека е во бегство имаме нова ситуација. Нелогично е тој и натаму да се третира како оправдано отсутен и да ги најавува отсуствата во неговата пратеничка група, кога самиот објави дека не е во државата туку дека е во бегство, ни изјави Џафери.
Тој посочува дека прописите што се однесуваат на работата на парламентот не третираат ваква ситуација, ама дека може да се најдат механизми за поинаку да се регулира статусот на пратеник кој не учествува во работата на законодавниот дом. Џафери вели дека не може самостојно да донесе одлука за тоа и затоа ќе побрза да свика координација за прашањето во врска со отсуствата на Груевски да се регулира пред утрешното продолжение на тековната седница, доколку таа не заврши во текот на денешниот ден или пред почетокот на првата нова седница.
Минатиот петок, собранискиот пленум не го усвои предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски затоа што не беше обезбедено двотретинско мнозинство за тоа. Со тоа се отвори можност, поранешниот премиер да замине во затвор и понатаму да има статус на пратеник и да зема плата од парламентот. Но, Груевски ем го задржа пратеничкиот мандат, ем не замина во затвор, туку пребега во Будимпешта.
Според Уставот, на пратеник му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. (А.М.М.)