Џафери има време да распише предвремени избори до 20 март

Во Социјалдемократскиот сојуз и натаму траат консултациите и разговорите во раководните органи на партијата дали да се оди на предвремени парламентарни избори. Сè погласни се гласовите „за“, односно да се прифати барањето на опозицијата и на 5 мај, заедно со вториот круг од претседателските избори, да избираме и пратеници, односно нова влада. Изминатата недела се чекаше претседателот на партијата Зоран Заев да се врати од зимски одмор и да се донесе конечната одлука, која, најверојатно, повторно ќе биде пролонгирана бидејќи премиерот веќе од утре ќе присуствува на Светскиот економски форум, кој до петок ќе се одржи во Давос, Швајцарија.

Министерката за правда Рената Треневска-Дескоска е првиот функционер од СДСМ кој без колебање прифаќа да се оди на предвремено соочување со граѓаните. Таа изјави дека нејзиниот став го кажала јасно и гласно и пред своите сопартијци, поради што не треба да се крие од јавноста.

Според информациите до кои дојде „Независен весник“, претседателот и потпретседателот на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шекеринска, имале состаноци со најблиските соработници и ги прашувале што мислат по ова прашање. Аргументите „за“ биле дека треба да се искористи поканата за НАТО што треба да уследи по финализацијата на договорот за името, како и обезбедената поддршка од албанските гласачи по објавувањето на Законот за јазици во „Службен весник“. Од друга страна, предвид биле земени советите на меѓународните партнери, кои се децидни дека во овој момент не смее да се троши време на избори кога земјава треба итно да ги спроведе реформите за да добие покана за отворање на преговорите за членство во Европската Унија. На крајот било одлучено да се остави уште некој ден со предупредување да не се случи ноември 2005 година кога СДСМ не го искористи добиениот кандидатски статус на Македонија за влез во ЕУ, а идната година доживеа пораз на редовните избори и не се врати на власт цели 11 години.

Нивниот коалициски партнер во Владата – ДУИ и натаму се противи на предвремени избори повторувајќи го речникот на пријателите од Брисел и од Вашингтон.

„Од партиски аспект не сме имале подобар момент за избори отколку сега. Но од државен аспект и интересот на граѓаните – не е време за избори. Треба да го заокружиме процесот со уставните измени, а во јуни очекуваме да ги започнеме преговорите со ЕУ, треба да се потпише протоколот за зачленување во НАТО. Доколку сега го оптовариме процесот со избори, свесно ги компромитираме нашите стратегиските цели“, вели вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Предвремените избори се одржуваат најмалку 45, а најмногу 60 дена од распуштањето на парламентот, што математички значи дека има уште време тие да се закажат. Размислувањата се дека парламентарните избори би се реализирале на 5 мај, односно на вториот круг од претседателските избори, со што би се обезбедил цензус за избор на шеф на државата. Во таков случај, парламентарниот спикер Талат Џафери има време да ги распише изборите од 5 до 20 март.

Друг проблем што би се јавил, доколку партиите се сложат за предвремени избори, е техничката влада што треба да биде според пржинскиот модел. Таа би требало да се формира 100 дена пред денот на гласање, но во политичките кругови се зборува дека би се нашол заеднички јазик меѓу власта и опозицијата за шеесетдневна привремена влада што ќе ги организира изборите. Се споменува дека доколку не се најдеа осум пратеници што во последен момент обезбедија двотретинско мнозинство за уставните измени, ќе се одеше на предвремени избори за да се стигнат роковите за реализација на договорот со Грција, при што власта и опозицијата разговараа за техничка влада со рок на траење од 45 до 60 дена.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека не само што бараат туку и инсистираат да има предвремени парламентарни избори.

„Ако ги видиме изјавите на власта и доколку навистина сакаат да имаме економска година во 2019, единствено што може некој да го овозможи тоа е токму ВМРО-ДПМНЕ и токму затоа инсистираме на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските и тоа што е можно побрзо да се објави бидејќи, доколку до 21 јануари го распуштиме Собранието, тогаш има време да се организираат заедно со претседателските“, рече Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Горан Адамовски