Џафери ги чека имињата од партиите за новите членови на ДИК

Во Собранието на Република Македонија речиси два часа се чека Кабинетот на претседателот Талат Џафери да го извести претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Илија Димовски за одговорите од партиите за кандидатите за членови на состав на Државната изборна комисија.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата по 19 часот одржа седница на која беше утврдено дека на огласот за членови на ДИК се пријавиле 47 кандидати, кои поименично беа соопштени. Овој список потоа формално беше доставен до Џафери, кој ги известил партиите и побарал од нив да се изјаснат кои кандидати за членови на ДИК ги предлагаат.

Откако партиите ќе достават предлози до првиот парламентарец, тој треба да ја извести Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која, пак, треба да ги утврди кандидатите предложени од партиите. Потоа, исто така, вечерва како што е најавено, треба да биде свикана пленарна седница и составот на ДИК да биде изгласан со двотретинско мнозинство.

Привремениот состав на ДИК се избира по стариот модел со предлози на партиите, според измените на Изборниот законик што консензуално беа изгласани од парламентарните политички партии. Партиите во јавноста веќе ги соопштија кандидатите што ќе ги предложат.

На вечерашнава седница на Собранието треба да се најдат и законите за финансирање на политички партии и за техничка влада според пржинскиот модел, што беше договорено на денешната лидерска средба.

Лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Беса на Касами не се договорија за референдумот.