Ќе стане ли Солун Тесалоники?

При јавно објавен договор, ВМРО-ДПМНЕ се дрзнува да ја лаже јавноста, одговорија од СДСМ на претходните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека македонските топоними не се забрануваат.

„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема друг начин на делување освен ширењето лажни вести, измислици и невистини преку кои се обидува да ги манипулира граѓаните.

При јавно објавен Договор, опозициската ВМРО-ДПМНЕ се дрзнува да ја лаже јавноста и да ја потценува интелегенцијата на граѓаните.
Во договорот јасно стои дека приоритет им се дава на ендонимите, наместо егзонимите и тоа важи подеднакво и за двете страни. Приоритет на едно не значи забрана за друго. Со тоа се обезбедува чисто и соодветно решение согласно меѓународните стандарди.

Договорот предвидува и формирање на Заеднички комитет кој ќе работи во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа, а неговото делување исто така ќе важи за двете страни подеднакво.Во интерес на граѓаните и државата, ВМРО-ДПМНЕ мора да престане со лажните вести и да се вклучи во процесот што обезбедува решение на 25 годишен спор, што го зајакнува и зачувува македонскиот идентитет, македонската посебност и македонскиот јазик. ВМРО-ДПМНЕ да не ја кочи македонската иднина“, поерачаа од СДСМ.
Претходно од ВМРО- ДПМНЕ излегоа со обвинување дека СДСМ се откажал од сопствениот народ.
„За само една година владата на СДСМ на чело со Зоран Коте Заев ја брише вековната македонска историја, но и ја загрозува иднината на цела една нација. Со само еден потпис владата на СДСМ се откажа од се што е македонско. Заев се откажа од македонското име, идентитет и јазик за кои се колнеше во своите предци, но и деца дека ќе останат непроменети.Македонската жица на Заев очигледно била направена од свила, ако воопшто некогаш постоела, бидејќи тој потпиша досега невидена капитулација на еден народ во светската историја.Кога договорот ќе стапи во сила македонските историски учебници ако тогаш воопшто можеме така да ги нарекуваме ќе ги пишува и рецензира Грција.Македонците повеќе нема да учат македонска туку историја одобрена од грчки комисии.Ваквиот капитулантски договор под покровителство на Заев и Димитров атакува на македонското културно наследство, државност и суверенитет, прикажувајќи ја Македонија како целосно нова вештачки измислена творба.Иако тоа не беше дел од преговорите, сега по волја на Коте Заев, од македонската меморија ќе треба да се избришат Солун, Кукуш, Лерин.
Тие ќе исчезнат од македонските учебници, македонските патокази и од сите документи. Македонија ќе биде обврзана да ги користи грчките топоними, кои насилно биле наметнати. Откажувањето од географските поими значи бришење на дел од културата и историјата на еден народ.Македонија ќе биде единствена која се откажува од своите егзоними. Солун ќе остане Солун и за Србија и за Бугарија, но Македонците ќе мора да го викаат Тесалоники.Кукуш, родниот град на македонскиот великан Гоце Делчев, за учениците од Северна Македонија ќе биде Килкис. Воден – Едеса. Кутлеш – станува Вергина! Костур – Касториа! Сер – Серес!-стои во реакцијата на оваа партија.