Ќе се формира Антикорупциска комисија со микромандат

Пред претседателските избори напролет следната година можно е да биде избран нов – преоден состав на Антикорупциската комисија, според стариот Закон и со мандат од само неколку месеци. Вакви најави доаѓаат од пратеничките табори во Собранието пред утрешната седница на Комисијата за избори и именувања, на чиј дневен ред е предлог-одлука за именување членови на ДКСК, врз основа на конкурс за кој Собранието донесе одлука со консензус, а по предлог на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Димовски, како претседател на Комисијата за избори и именувања, пред два месеца иницираше комплетирање на Антикорупциската комисија, во случај на предвремени парламентарни избори, во периодот кога беше неизвесно двотретинското мнозинство за пристапување кон уставни измени. Тогаш Собранието распиша конкурс, на кој се јавиле повеќе кандидати, од кои сега партиите треба да изберат петмина за да се комплетира седумчлениот состав на ДКСК, како што е предвидено со важечката регулатива. Сепак, според информациите, мали се шансите потенцијалните членови на ДКСК да бидат селектирани на утрешната комисиска седница.
Иако од СДСМ велат дека во предизборието мора да има Антикорупциска комисија, неофицијалните информации од владејачката партија се дека не се запознаени со листата на кандидати за членови што се јавиле на конкурсот и дека одлуката ќе ја донесат откако ќе го видат списокот. Исто така, иако се најавува дека до крајот на годинава ќе биде донесен новиот закон за спречување на корупција, неофицијалните информации велат дека се мали шансите тоа да се реализира пред распишувањето на претседателските избори. Новата регулатива за спречување корупција, која предвидува поинакви и построги правила за избор на членовите на Антикорупциската комисија, сè уште е во прва фаза од собраниската процедура – во период кога парламентот има други неодложни обврски, како што е донесувањето на уставните амандмани и на буџетот за следната година. Претседателските избори, пак, би требало да бидат распишани во почетокот на февруари, од кога ќе почнат да течат и роковите за спроведување на изборните дејствија, така што е пожелно дотогаш да биде формирана Антикорупциска комисија.
Од пратеничката група на СДСМ неофицијално велат дека е проблематично дали пријавените кандидати на неодамнешниот конкурс ќе се нафатат да бидат избрани за членови на Комисија која би функционирала само два до три месеци, односно до донесување на новиот закон. Затоа се бараат решенија кои би можеле да значат интервенција и во важечкиот закон и во законот што е во процедура, за да се предвиди мандат од барем половина година или на членовите што ќе бидат избрани сега да им се овозможи да се кандидираат и на конкурсот што ќе биде распишан според новата регулатива.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, вели дека на Македонија ѝ е неопходна Антикорупциска комисија која вистински ќе се бори со корупцијата што, како што наведува, „поради криминалното децениско владеење на ВМРО-ДПМНЕ се прошири до огромни размери“.
„Новото законско решение е во собраниска процедура и очекуваме постапката да биде ефикасна за до крајот на оваа година да биде донесено и да може што поскоро да се изберат членовите на Комисијата. Воспоставување транспарентна постапка при изборот на членовите на ДКСК, утврдување критериуми што ќе значат одделување на Антикорупциската комисија од политиката и нејзина независност, професионалност и посветеност на вистинска борба со корупцијата се дел од новините што ги предвидува предлог-законот за спречување корупција и судир на интереси“, вели Костадинов.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска, во емисија на телевизија Алфа, изрази сомневање дека власта планира да ги организира претседателските избори без Антикорупциска комисија, што, според неа, би било катастрофално.
„Додека не се формира Антикорупциска комисија, ќе имаме секојдневно скандали на власта, нема да имаме ден да се разбудиме, а да нема некој скандал“, изјави Лашкоска.
Во март годинава, пет членови на Антикорупциската комисија поднесоа оставки на функциите, откако ревизорски извештај на УЈП покажа дека некои од членовите користеле неверодостојни налози врз основа на кои им биле исплаќани патни трошоци. Како ненаменско трошење пари беа посочени и сметки за ручеци и вечери во ресторани што членови на ДКСК ги правеле при патување во странство, како и средства за изнајмување стан. Оставки единствено не поднесоа Најдо Спасевски и Сузана Таскова-Аџикотарева, кои сите овие месеци фигурираа како функционери во ДКСК, која, пак, беше спречена да функционира и да носи одлуки. (А.М.М.)