Ќе се пече ли ДИК трипати во шест месеци?


Со уште несредени впечатоци од референдумот, членовите на Државната изборна комисија се во исчекување дали можеби уште оваа седмица ќе треба да почнат со подготовки за спроведување предвремени парламентарни избори на 25 ноември, како прв термин што го најави премиерот Зоран Заев.
Според првичните најави, доколку во наредните два дена не се постигне договор со опозициски пратеници за соработка околу уставните измени, парламентот може да биде распуштен веќе в среда, ако бидат обезбедени потребните 61 глас за донесување таква одлука. Потоа, претседателот на парламентот, веројатно, уште истиот ден би ги распишал изборите.
Со оглед на тоа што роковите за спроведување на изборните дејствија почнуваат да течат од датумот на распишување на изборите, ДИК би имала простор од само 45 дена да го спроведе процесот. Поранешни и актуелни членови на изборната администрација велат дека тоа е многу кусо време за организирање избори, независно од тоа што кога процесот е вонреден се кратат сите рокови.
Мандатот на овој состав на ДИК, кој беше избран непосредно пред распишувањето на референдумот, истекува кон крајот на јануари следната година. Првичната замисла беше актуелните членови на Комисијата да имаат мандат од само шест месеци, односно додека партиите од власта и од опозицијата не постигнат договор за темелни измени на изборната регулатива. Изборната реформа, за што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаа консултации во работни групи, вклучуваше и сосема нов концепт на изборна администрација во која партиите не би имале свои претставници, туку само набљудувачи без право на глас.
Кога лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Зоран Заев и Христијан Мицкоски, зимоска – на една од своите први тет а тет средби, договорија преодно решение за ДИК, веројатно, не предвидоа дека на најкраткорочниот состав на Комисијата ќе му припадне една од најсложените мисии – да го организира референдумот за договорот за името. Иако првично договорен со консензус меѓу мнозинството и опозицијата, изборот на новиот состав на ДИК беше долго време опструиран од парламентарната опозиција – во обид да се саботира и распишувањето на референдумот.
Актуелниот состав на ДИК, во кој ВМРО-ДПМНЕ има претседател и еден член, СДСМ тројца претставници, а ДУИ и Беса по еден, сега е во исчекување, дали само десетина дена по завршувањето на референдумот, ќе треба да почне со подготовки за предвремени парламентарни избори. Доколку, пак, и можните избори не ја решат политичката неизвесност што се создаде по референдумот, прашање е дали воопшто ќе има време да се донесе нов изборен законик и да се избере нов состав на ДИК за спроведување на редовните претседателски избори што треба да се одржат кон крајот на март или во почетокот на април. Или, пак, новиот собраниски состав, кој би се конституирал кон средината на декември, ќе треба да им го продолжи мандатот на актуелните членови на ДИК – за да има кој да ги организира шестите избори за претседател на Македонија.
Со тоа гарнитурата на ДИК со најкус мандат би спровела три циклуси гласање за само половина година – референдумот, предвремени парламентарни избори и редовни претседателски избори.
Примерот со ДИК, всушност, е една од ситуациите кои укажуваат колку може да биде политички ризичен обидот преку брзи избори да се разврзе политички јазол што се создаде по референдумот. Особено ако се имаат предвид проценките дека и сите партии, освен ВМРО-ДПМНЕ, да се соберат на заеднички листи тешко ќе оствари од старт двотретинско мнозинство во новиот парламент за брзо донесување на уставните измени што произлегуваат од договорот со Грција.

РАМКА
Н: Пржинска влада – невозможна мисија
Досегашните циклуси вонредни парламентарни избори, главно, се спроведуваа во период од над 50 дена, со оглед на уставните одредби според кои предвремени избори се одржуваат во период не подолг од 60 дена од распуштање на парламентот.
Според тоа, самиот Устав не остава простор за техничка (пржинска) влада која би функционирала сто дена пред избори, како што е конципирано решението што пред референдумот беше вратено во Изборниот законик и во Законот за влада, на барање на ВМРО-ДПМНЕ. Освен што ова решение, кое беше првично замислено како преодно – за време на политичката криза со прислушувањето, е неприменливо за вонредни избори, треба да се има предвид и дека роковите за одржување редовни парламентарни избори се пократки од предвидените 100 дена за техничка влада. Според Уставот, редовни парламентарни избори се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во вчерашното обраќање, не отстапи од барањето за пржинска влада сто дена пред избори. Според Мицкоски, во овој случај нема простор за толкувања дали Уставот е над законите, затоа што законски е точно предвидено колку дена пред парламентарни избори треба да функционира техничка влада.
Ако се оди според логиката на ВМРО-ДПМНЕ, ако уште оваа седмица се формира пржинска влада со мандат од сто дена, тогаш изборите би требало да се одржат кон крајот на јануари. Александра М. Митевска