Ќе се бара нова формула за зголемување на платите во здравството

Ќе се прави анализа за различна прераспределба на средства, со цел да се смени процентот за зголемување на платите од 2019 година за вработените во Клиничкиот центар. Прераспределбата ќе се прави од парите што се веќе одобрени во буџетот за зголемување на платите. Ова е заклучокот по средбата што се одржа вчера меѓу Самостојниот синдикат на клиничките центри со премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Договорено било в петок да имаат уште еден состанок.

„Буџетот е веќе затворен, па затоа тука не може да се интервенира за уште средства во делот на платите. В петок ќе излеземе со дефинитивен став по ова прашање“, подвлече Филипче.

Претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар, Горан Беговиќ, вели дека се задоволни од средбата, дека разбрале каква е објективната состојба, а преговорите ќе ги продолжат со министерот за здравство во насока да се изнајде решение во согласност со овој буџет, за сите здравствени работници да добијат еднакво зголемување на платите.

„Премиерот ни вети дека кога ќе помине овој квартал, доколку има економски раст како што беше во изминатите два месеца, ќе гледаат да има нови покачувања на платите за сите работници“, изјави Беговиќ.

Инаку Синдикатот иницираше средба со премиерот за да преговараа за еднакво зголемување на платите на здравствените работници од Нова година, а не како што беше предвидено зголемување на платите на докторите специјалисти да е за 10 отсто, а на здравствените работници и соработници од 5 отсто.

Вработените во Клиничкиот центар ги прекинаа протестите пред десетина дена, незадоволни од одлуката на Град Скопје за поскапување на месечниот билет за паркингот, и тоа од 300 на 800 денари. Бараа поништување на одлуката но откако не им успеа, решија да побараат средба со премиерот за да преговараат сите здравствени работници од јануари да добијат повисоки плати бидејќи тоа создавало поделба меѓу членството – длабоко се навлегувало во меѓучовечките односи, а се нарушувала и тимската работа.

Вероника Мароска-Леова