Ќе никне ли марихуана во Петровец?

Во Општина Петровец наголемо се работи на раскопување на земјиштето на кое, како што се жалат жителите, ќе се засадува канабис. Градоначалникот на Петровец, Борче Митевски, потврдува дека знае за парцелата на која ќе се сади марихуана, а министерствата за земјоделство и здравство негираат дека му дале дозвола  на приватниот сопственик  да ја сади во населено место.Градоначалникот во изјава за „Независен“ потврди дека се сретнал со  заинтересираниот инвеститор.

„Имам сознанија од човекот што почнал процедура за купување на таа парцела дека има намерата таму да сади марихуана. Одобрение за садење на марихуана дава  комисија составена од Владата. Одобрение дава Министерството за земјоделство на претходно добиена согласност од Министерството за здравство и МВР, а дозволата се дава на компанија која треба комплетно да ги исполнива условите“ вели Митевски.

Од  Министерството за здравство вчера се оградија  од случајот. Министерот  Венко Филипче тврди дека не знае оти министерството издало таков документ.

„Ние сме во фаза кога се менува Законот за опојни дроги  во однос на препораките што ги добивме од меѓународните институции во насока на прилагодување на таа легислатива што важи во развиените земји. Во овој момент сите тие аспекти на законот се веќе подготвени како нацрт,мора да се сади во затворен простор. Која е конкретно компанијата што аплицирала во овој момент немам увид, таков документ не стигнал и не знам дека некоја компанија во Петровец во населено место аплицирала за таква плантажа. Во текот на денот ќе видиме за што станува збор  и ќе преземеме мерки како што треба“, рече Филипче.

И Министерството за земјоделство  нема информации.

„Информациите што беа пласирани, дека Министерството за земјоделство дало дозвола, не се точни. Ниту фирма поднела барање за посочената локација ниту Министерството издало дозвола. Министерството ќе постапи согласно закон“, вели Соња  Јанковска, портпарол во Министерството.

Вероника Мароска Леова