Ќе има нов тендер за тунелите под Кале


Пропадна тендерот за избор на компанија која ќе треба да изработи проект за тунелите под Кале. Понудите што пристигнаа на адресата на Градот Скопје, од два странски конзорциуми и една домашна компанија, имале формални недостатоци. Поради тоа е поништена постапката, а рокот за жалби истекува в петок. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека ако не пристигне ниту една жалба, наредната недела ќе објават нов тендер со истите услови.

„Комисијата за јавни набавки ги отвори трите понуди и беше констатирано дека имаат недостатоци од формален карактер кои, согласно законските прописи, не дозволуваат продолжување на постапката, иако учесниците на тендерот ги задоволуваа критериумите од повикот и имаат листа на веќе изведени вакви проекти на повеќе места во светот. Новиот јавен повик ќе трае два месеца и очекувам дека до крајот на годината ќе имаме избрано добар проект“, вели Шилегов.

 

Проектот „Тунели под Кале“ ќе треба да вклучува изградба на сообраќајница која ќе ги поврзува општините Центар и Чаир преку продолжување на булеварот „Свети Климент Охридски“, со мост и вијадукт над реката Вардар и тунел под скопското Кале кон Пластичарската улица.

Шилегов вели дека очекува новата сообраќајница да обезбеди намалување на бучавата и почист воздух во центарот на градот. Со новото сообраќајно решение од северниот до јужниот дел на главниот град ќе се стигнува за десетина минути и ќе се намали сообраќајниот метеж на мостот „Гоце Делчев“, каде што во сегашните сообраќајни услови дневно поминуваат до 90.000 возила.

Новата сообраќајница, која ќе започнува на булеварот „Свети Климент Охридски“, во близина на Владата ќе биде издигната во висина од шест до девет метри, ќе се поврзе со нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето. На излезот од тврдината, улицата ќе продолжува како кружен тек, издигнат пет метри над Пластичарската улица. Ова е прва градска сообраќајница, која ќе се гради со тунел долг 250 метри, а широк 20 метри. Ќе биде доволно голем за низ него да сообраќаат и градските автобуси.

Тендерот за изработка на основниот проект и на измените и дополнувањата на проектот за инфраструктура на идната скопска сообраќајница беше распишан лани есента, а заврши на средината на јануари. Основниот проект по кој ќе се градеа тунелите требаше да биде готов за осум до десет месеци, најдоцна до септември годинава. За него од буџетот беа издвоени половина милион евра. Според проекциите на Градот Скопје, изградбата на тунелите би чинела околу 25 милиони евра.

Градските власти најавија дека годинава ќе продолжат да работат на повеќе сообраќајници со кои ќе треба да се растовари метежот првенствено во централното градско подрачје, но и во поурбаните населби, каде што има голем притисок од нови згради. Меѓу нив се и пробивањето на „Илинденска“ со мост преку Вардар во Карпош 4, продолжување на булеварот „Босна и Херцеговина“ и спојување со „Словенија“ и други.

Сања Наумовска