Јовески: Многу често само јас се спротивставував на одлуките на Советот на јавни обвинители

Имаше членови што остро се спротивставуваа на седниците на Советот на јавни обвинители за одредени одлуки, а еден од нив бев јас. За голем дел од прашањата при гласањето останував сам или во најдобар случај имав поддршка од само уште од еден колега, порача вечерва во „24 Анализа“ новиот јавен обвинител на Република Македонија Љубомир Јовески.

За тоа како останатите обвинители дозволувале да се носат одредени одлуки и како никој не можел да му се спротивстави на Зврлевски, нагласи дека Обвинителството работи по строги хиерархиски начела и оти самиот јавен обвинител ја обојува работата на целото обвинителство.

„Јавното обвинителство не смее и нема да биде продолжена рака на извршната власт, одлуките од оваа сфера ќе се носат исклучиво во ЈО, а не во центрите на моќ или во центрите на влијание“, рече Јовески.

Јовески истакна дека Јавното обвинителство треба да биде самостоен орган надлежен за гонење на сторителите на кривични дела, на организираниот криминал и корупцијата.

Тој не се сретнал со поранешниот јавен обвинител Марко Зврлевски при примопредавањето на функцијата бидејќи, како што рече, функцијата долго време ја вршеше в.д. јавниот обвинител Лилјана Спасовска.

Јовески рече дека немал контакт ниту со членовите на Владата, не се сретнал со премиерот Зоран Заев ниту, пак, со некого од новиот пратенички состав.

Не сакаше да каже дали обвинителството стигнало до нарачателот на настаните во Собранието од 27 април поради интерес на истрагата, а за приведените поради настаните во Собранието нагласи дека ЈО ќе истражи и врз основа на факти и докази ќе преземе соодветно кривично гонење или ќе донесе друга јавнообвинителска одлука.

– Во моментов е оценето дека тие луѓе ја преминале законската граница, рече Јовески и додаде дека Обинителството не гони никого, зашто е уметник, пратеник, туку зашто е утврдено дека има постапки за дејствија согласно Кривичниот законик.

За Специјалното јавно обвинителство смета дека би требало да биде дел од Јавното обвинителство, но тоа, како што оцени, треба да се реши со законски измени.