Јанкулоска не очекува да и биде одреден притвор

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска изјави дека не очекува мерките за претпазливост што и ги изрече судот да бидат преиначени во притвор.

– Јас имам определено мерки за претпазливост, ги почитувам и не постои никаква причина да бидат преиначени, рече Јанкулоска пред денешното рочиште за предметот „Титаник“, одговорајќи на новинарско прашање дали очекува да и биде изречена мерка притвор како на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.

Јанкулоска, Јанакиески и Божиновски се меѓу обвинетите за случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, за злосторничко здружување и изборни нерегуларности. Обвинет е и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија каде што побарал политички азил.

Одржувањето на денешното рочиште е неизвесно бидејќи Груевски неколку дена е недостапен за полицијата, а од понеделникот попладне тој се бара и со потерница заради издржување двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.