Јанева очекува подобра соработка со новиот државен јавен обвинител

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева очекува од новиот државен јавен обвинител подобра соработка на професионално ниво со почитување на нејзината личност и нејзиниот интегритет.

– Соработката со јавниот обвинител треба да биде на професионално ниво. Да ја почитува мојата личност и мојот интегритет, а не тенденциозно и непфесионално. Тоа го доживеав и се надевам од идниот јавен обвинител дека нема да го доживеам, истакна Јанева на дебата на тема „Го следиме ли Прибе: Какво обвинителството ѝ е потребно на Македонија на патот кон ЕУ?“.

Таа побара и поголема соработка и од колегите јавни обвинители кои ги искритикува бидејќи во изминатите две години, како што рече, неколегијално се однесувале кон СЈО и не се потрудиле на ниту еден начин или дејство да ја подобрат соработката со јавното обвинителство.

Според неа СЈО треба да продолжи, да работи. – Да биде поврзано со ЈОРМ на ниво како што е обвинителството за организиран криминал и корупција. Во тој дел да се направи имплементација или автономно да делува во однос на борбата против високата корупција, која евидентно видовме дека постои во бомбите што беа објавени од оппозицијата и кои се дел од доказите во предметите што се пред кривичниот суд, рече Јанева и додаде дека тоа треба да биде предмет на дебата.