Јанева: Груевски сведок пред СЈО за провизија за струја

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никила Груевски денеска се задржа неколку часа во просториите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје, каде беше викнат во својство на сведок во нова предистражна постапка.

По распитот, специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека станува збор за новотоотворен предмет за финансиска истрага за земена провизија за електрична енергија. Предметот, како што рече, е отворен по извршено вештачење на два телефонски разговори, што во континуитет се водат од едно лице.

Предистражната постапка, во која Груевски е повикан како сведок, според Јанева, имала сличности со финансиските истраги што веќе се водат пред СЈO.

Груевски, пак, изјави по распитот дека бил повикан со цел да се замајува јавноста од, како што рече, вистинските проблеми и лажните ветувања на Владата на Заев.

Во кусата изјава, Груевски оцени дека мандатот на СЈО е истечен мандат, а за случајот за кој бил повикан рече дека е непостоечки. Тој додаде и дека му е јасна целта заради која е повикан, а тоа било да се појавува пред медиумите како осомничен.