Штрајкуваат две градинки во Чаир

Вработените од две градинки во општина Чаир најавија штрајк поради неисплатени плати за ноември. Во ЈОУДГ „Снежана“ штрајкот почна од денеска, а во ЈОУДГ „Фидани“ ќе почне од утре.

Родители се непријатно изненадени затоа што за штрајкот никој не ги информирал барем ден претходно. Вчера попладне кога ги земале децата од градинка, прочитале на влезната врата дека градинката нема да работи. Некои утрово ги однеле децата во градинка и биле приморани да ги вратат.

Едни даваат поддршка за штрајкот, со образложение дека секој за сработеното треба да земе плата на крајот од месецот. Други сметаат дека неисплатените плати се проблем што градинките треба да го решаваат со општината и не преку грбот на мали деца.

-Ни кажаа од денес за утре, снајдете се за чување. Поточно, воопшто не ни кажаа, само вчера попладне залепиле лист на врата. Тоа е многу несериозен однос и кон родителите и кон децата, без разлика која е причината. Секој има право на штрајк, но требаше да ни најават претходно кога ја разгледувале оваа опција дека е можно да се случи да не ги примаат децата. Повеќето работиме во приватни фирми и не можеме тука така да земаме слободни денови или боледување и немаме баби и дедовци. Вработените нека си ги бараат платите од општина, ние плаќаме сметки за во градинка – велат родител.

Вработени во „Фидани“ потврдија дека истиот чекор и тие ќе го превземат од утре, доколку општината не им ја исплати ноемвриската плата.

Засега не се знае колку време ќе трае штрајкот.  Родителите платиле и за пакетчиња за децата, за фотографии со Дедо Мраз, календари… Стравуваат дека е уништена и целата новогодишна магија што децата ја очекувале.

Од сите образовни институции во Чаир, плата за ноември нема само за овие две градинки. Не успеавме да добиеме одговор од општината за тоа кога ќе се реши проблемот за децата да можат да се вратат во градинките.

(Н.В)