Што ако на референдумот излезат 49 проценти?

На референдумот за промена на името за интегрирање на земјата во ЕУ и во НАТО излегоа 49 проценти од запишаните гласачи, од кои 90 проценти заокружија „да“, а 10 проценти „не“.

Теоретски, во блиска иднина, не е исклучено некоја слична вест како оваа (која е хипотетичка), можеби со малку поразлични проценти, да осамне во медиумите – како известување дека, и покрај солидниот одѕив и јасно изразената волја на мнозинството гласачи, не успеало плебисцитарното изјаснување за „историскиот договор“ со Грција. Во ваков случај, договорот за името, практично, би пропаднал, што би било, всушност, во прилог на малцинството гласачи кои гласале „против“…

Високиот праг во случај на референдумско изјаснување сега се наметнува како еден од ризиците во понатамошните фази од реализацијата на договорот од Преспа. Поради тоа во јавноста циркулира опцијата за симнување на цензусот за излезеност, иако според стручните толкувања тоа е неизводливо без уставни измени, за чие, пак, евентуално донесување би било потребно двотретинско мнозинство во парламентот.
„Цензусот што е предвиден за референдумско изјаснување не може да се намали со законски измени. За тоа е неопходна интервенција во Уставот, кој предвидува исто така дека референдумските одлуки се обврзувачки. Исходот од референдумот претставува обврска за сите носители на власта. Тоа се нарекува глобален императивен мандат, со оглед на тоа што граѓаните се носители на суверенитетот, а пратениците се нивни претставници“, вели универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ.

Тој смета дека, сепак, не треба да се намалува цензусот за референдумот бидејќи, како што вели, колку што е повисок прагот на излезеност, толку се полегитимни одлуките што ќе бидат донесени. Истото, вели Шкариќ, го мислев и во однос на претседателските избори, затоа што со намалувањето на цензусот од 50 на 40 проценти слабее и легитимитетот на носителот на претседателската функција.

„Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката на референдумот е усвоена ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи. Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна“, гласи уставниот член 73.

Владини претставници деновиве излегуваат со оценки дека не се знае колку точно гласачи има во државата. И покрај тоа што избирачкиот список брои околу 1,8 милион избирачи, треба да се земат предвид и проценките дека во последните години од земјата се иселиле повеќе од половина милион лица. Тие не можат да го остварат своето гласачко право надвор од државата, туку само ако за референдумот допатуваат во местата од кои потекнуваат.
„Сега нема време за прочистување на списокот, па мора да се носат политички одлуки“, изјави неодамна шефот на дипломатијата Никола Димитров навестувајќи дека ќе се бараат начини за да се амортизира опасноста од помал одѕив од неопходниот на референдумот.

Според проценките во политички кругови, една од можностите за мобилизација на што повеќе гласачи е паралелно да се одржат и предвремени парламентарни избори. Но, ризикот во ваков случај е гласачкото тело да се подели единствено по линија „за“ и „„против“ договорот со Грција, независно од изборните програми со кои би настапиле водечките политички партии.

Ист праг за излезеност од над 50 проценти беше предвиден порано и за вториот круг од претседателските избори, за тие да бидат успешни. Преку уставни измени, тој цензус е намален сега на 40 отсто одѕив. На последните претседателски избори, во 2014 година, одѕивот, сепак, изнесуваше над 50 проценти, односно близу 55 проценти, со тоа што заедно со вториот круг гласање за шеф на државата се одржаа и парламентарни избори. Претседателските избори во 2009 година, пак, се одржуваа во „пакет“ со локални избори, додека во 2004 година, претходниот претседател Бранко Црвенковски беше избран на функцијата на раб на цензусот за излезеност, со оглед на тоа што тогаш важеше сѐ уште правилото за излезеност на половина од запишаните гласачи за изборите да бидат успешни.

Вториот и последен референдум досега од независноста на Македонија – против новиот Законот за територијална организација, не успеа во 2004 година поради бојкотот на и тогаш владејачкиот СДСМ и на албанските партии, наспроти опозициските партии и здруженија околу ВМРО-ДПМНЕ кои застанаа во поддршка на иницијативата што ја покрена Светскиот македонски конгрес. Одѕивот од околу 26,5 проценти (и покрај тоа што близу 95 отсто од излезените гласачи ја одбраа опцијата „да“) беше само нешто повеќе од половина од потребниот цензус за референдумот да биде успешен.
Сега, СДСМ е практично во обратна ситуација во таа од пред 14 години. Како главна владејачка партија сега треба да се погрижи за што поголема мобилизација на гласачкото тело, во ситуација кога партиите на Албанците го поддржуваат договорот со Грција, но затоа, пак, е несигурен ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Иако партискиот лидер Христијан Мицкоски најави кампања „против“ промена на името, што би подразбирало учество на опозицијата на референдумот, останува отворен ризикот од тивок бојкот на тврдокорното десничарско крило во и околу ВМРО-ДПМНЕ.
Проценките во политички кругови се дека текстот на референдумското прашање, датумот што ќе избере за гласање и стилот на кампањата што ќе ја водат партиите… се некои од факторите што ќе влијаат на процентот на излезеност на третиот референдум на државно ниво во земјава.

Александра М. Митевска