Шилегов ќе раководи и со Асоцијацијата на општините од Југоисточна Европа

Градоначалникот Петре Шилегов е назначен за прв потпретседател на НАЛАС (Мрежата на асоцијации на локални самоуправи од Југоисточна Европа) за 2018 година, информираат од Град Скопје. Функцијата му е доверена вчера на 13. генерално собрание на НАЛАС што се одржува во Брдо, Словенија, на која учествуваа над 150 претставници од локалните самоуправи и асоцијациите на локалните самоуправи од цела Југоисточна Европа. Функцијата која му е укажана на Шилегов е ротирачка.

„На генералното собрание се дискутираше за работата на НАЛАС во 2017 година, како и за работниот план за 2018 година, а беше избрано и ново раководство. Во рамките на генералното собрание на НАЛАС, се одржа регионална конференција на која во фокусот беа утврдените цели за одржливиот развој и за  социјалната инклузија низ призмата на Агендата 2030, што е  усвоена  на 25 септември 2015 на специјалниот самит на ОН. Ќе се разгледуваат и актуелни политички теми за улогата и застапништвото на НАЛАС во контекст на стратегијата за проширување на ЕУ. Исто така, ќе се дискутира за улогата на локалните самоуправи во справувањето со бегалската криза и со бегалците во регионот, а ќе бидат направени и измени во статутот со кои ќе бидат нагласени активностите на оваа асоцијација за постигнување  родова еднаквост“, информираат од Град Скопје.

НАЛАС ја сочинуваат 14 асоцијации што претставуваат околу 9000 локални самоуправи, директно избрани од над 80 милиони граѓани во Југоисточна Европа. НАЛАС го промовира процесот на децентрализација, придонесува во процесот за помирување и стабилизација во регионот и во тој контекст придонесува за процесот за европска интеграција на целиот регион.