Шекеринска: Броиме недели до протоколот за НАТО

Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО ќе биде подготвен во моментот кога Преспанскиот договор ќе биде имплементиран и ратификуван од двете страни. Очекуваме дека нашиот дел од обврските ќе ги спроведеме навреме согласно плановите и оти истото ќе го направи и Грција, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа беше денеска кај Гевгелија, во посета на армиските припадници распоредени на јужната граница на Македонија кон Грција.

– Чекорите во врска со имплементацијата на договорот од Преспа како и потпишувањето на протоколот за НАТО беа разговарани со претставници на НАТО.  За да може се ратификува протоколот, НАТО мора да го подготви. Сите претставници на Алијансата, почнувајќи од генералниот секретар, од самиот почеток на овој процес испратија порака дека протоколот ќе биде подготвен во моментот кога Преспанскиот договор ќе биде имплементиран и ратификуван од двете страни. Ние очекуваме дека нашиот дел од обврските навреме согласно планови ќе го спроведеме. Очекуваме дека истото ќе го направи и Грција, рече Шекеринска, по обиколката на караулата на АРМ„ Богородица“.

Според неа, тоа практично значи дека станува збор за неколку недели и очекува дека веднаш по ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент многу брзо ќе биде изготвен НАТО протоколот.

Тоа значи дека, практично,  од февруари Македонија ќе ја исполни својата стратешка цел. Ќе седнеме на масата на која се носат најважните одлуки што се однесуваат и на нашиот регион и на мирот и стабилноста во светот.  Затоа и 2019 година е толку важна година затоа е важно и она што се сработи минатата година. Долги години зборуваме за НАТО, долги години велиме дека безбедноста на Македонија ќе биде многупати зголемена со нашето членство. Сега е моментот тоа што сме го зборувале да го реализираме, порача Шекеринска.