Шекеринска: Некои пратеници излегоа порано од притвор некои подоцна

Да не се бара политичка порака, оваа влада и ова мнозинство не  се мешаат во работата на Обвинителството и судството, рече заменик-претседателката на Владата Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање дали  тројцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ (Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Крсто Мукоски) случајно оваа недела беа ослободени од домашен притвор и дали без нивниот глас во Парламентот во петокот ќе било обезбедено двотретинското мнозинство за поддршка за измени на Уставот.

-Ќе направиме се да не дозволиме поделеноста да се пренесува на следните генерации, но порачавме и дека оваа влада и ова мнозинство нема да се меша во работата на Обвинителството, нема да се меша во работата на судството. Поради тоа бевме многу внимателни и поради тоа се воздржувавме од многу изјави. Факт е дека неколкутемина обвинети за настаните од 27 април, а коишто се пратеници, веќе подолго време имаа процес низ судството за да излезат од притвор, а потоа и од куќен притвор. Ситуацијата е различна – некои излегоа порано, некои излегоа подоцна. Никој не гледаше политика во тоа. Затоа што ние како политичари решивме да не се мешаме во работите на судството – и кога ни одговара, и кога не ни одговара. Затоа, би ве замолила и сега да не бараме политичка порака. Процесот на замена на притворите и куќните притвори траеше веќе подолго време и едното со другото навистина не беа поврзани. Мислам дека судиите и обвинтелствата се вистинската адреса да се поставуваат прашања и да се добијат конкретни одговори. Но во ниеден момент, за ниту една политичка причина, ние не сакавме да користиме инструменти на притисок ниту во Обвинителството, ниту во судството. Мислам дека тоа ќе ја направи Македонија подобра правна држава и подобра држава, рече Шекеринска, повторувајќи дека Владата застанала зад политката на помирување и на обединување.

За  нацрт-амнадманите за измени на Уставот, за кои рокот на Владата е 15 дена, таа рече дека ќе се трудат  и порано да ја завршат задачата.  На прашање дали ќе бидат пет амнадмани, рече дека не сака да прејудицира зашто тоа ќе значи дека Владата повтрно го води главниот збор.

-За овие теми, за текстот на амнадманите. сакаме да дискутираме и со различните пратеници, и со различните пратенички групи. Ќе ги земеме предвид сите одредби на Договорот и ќе се водиме од нашите интереси – да обезбедиме целосна имплементација на Догооворот и да обезбедиме гаранција за македонските интереси, додаде Шекеринска на прес-конференцијата на која лично и во име на Владата ја поздрави и честиташе одлуката на Собранието да се поддржи пристапувањето кон уставните измени.