Членовите на ДИК дадоа свечена изјава во Собранието

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието Талат Џафери. Претседател на Комисијата е Оливер Дерковски, потпретседател Дитмире Шеху, а членови се Елизабета Постоловска, Борис Кондарко, Јанаке Витановски, Радица Ристеска и Енвер Салиу.

Претседателот на Комисијата Дерковски во изјавата за медиуми кажа дека како ДИК почитувајќи ги законите и Уставот на РМ ќе постапат и ќе направат се што е во нивна надлежност за да успее организирањето на референдумот.
 – Денес ја дадовме свечената изјава и со тоа го означивме почетокот на работата на ДИК. Очекуваме  Собранието исто така, да донесе значајни одлуки за работата на ДИК. Доколку се заврши се како што треба, го гледате составот, се се тоа искусни луѓе, од кои повеќето претходно веќе биле и членови на ДИК, така што сметам дека за главната задача ќе ја договориме пред се почитувајќи ги законите и Уставот на РМ, рече Дерковски. Се заложи дека ќе работат јавно и транспаретно.
Во однос на Избирачкиот список кажа дека тоа е континуирана активност на ДИК и рече дека новоизбраните членови на Комисијата ќе дадат дополнителен придонес за да се расчистат дилемите околу списокот.
Се очекува наскоро да биде закажана и конститутивна седница на ДИК.

За членовите на ДИК гласаа пратениците од сите партии, а седницата се одржа по деблокирањето на процесот на лидерската средба минатиот понеделник. Партиите се договорија привремениот состав на ДИК да биде избран по стариот модел односно со членови предложени од партиите со најмногу освоени гласови на последните избори.

Претседателот на Комисијата Оливер Дерковски во изјава во петокот кажа дека првите активности на Комисијата ќе бидат нејзиното конституирање, а потоа и спроведување на референдумот за името. Деркоски, кој на чело на комисијата доаѓа на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вели дека членовите на ДИК во оваа ситуација не можат да заземаат политички ставови туку треба да ги почитуваат законите и Уставот.

Во однос на активностите за референдумот, Деркоски вели дека согласно Законот за референдум овластениот предлагач, во овој случај Собранието на Република Македонија, треба да ја донесе одлуката за референдум, па потоа оперативно ДИК согласно членот 31 од Законот за референдум да ги преземе своите надлежности околу организација и техничките подготовки на самиот референдум, односно спроведување на одлуката.

Дерковски рече дека, без разлика што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, тој и сите останати членови на ДИК се членови на државен орган што има одредени задачи, овластувања и надлежности.

– Политички ставови во овој момент и во оваа ситуација не можеме да заземаме, бидејќи треба да ги почитуваме позитивните законски прописи и Уставот на Република Македонија, рече Деркоски.

Потпретседател на ДИК е а Дитмире Шеху предложена од ДУИ. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса се членови на највисокото изборно тело во државата.

Членовите на ДИК првично требаше свечени изјави да дадат во петокот, но поради активности на претседателот на Собранието тие беа одложени за денеска.

 

фото: Б.Грданоски