Чизов: Евроазиската унија како алтернатива на Македонија за ЕУ и НАТО

„Моето разбирање е дека за Грците, можеби грешам, не е толку важно името колку што е важно сѐто тоа што е поврзано со него, пред се, идентитетот. Може да биде Северна, Горна, Долна, што било, но тие веднаш прашуваат кои се Македонците, и зошто го носат истото име како и потомците на Александар Велики, вели рускиот амбасадор при ЕУ Владимир Чизов во интервју за МИА.

Амбасадорот смета дека од двете страни, од владите на двата соседа, во тие години имало недостаток на политичка волја за решавање на прашањето.

– Ако овој спор за името беше решен, за кој мислам дека е малку вештачки… и знаете дека Руската Федерација ја призна Македонија под нејзиното уставно име уште во 1992, што не беше примено го голем ентузијазам во една друга наша пријателска земја, Грција. Но сепак. Така што имаше прилики да се реши овој спор. Се сеќавам во деведесеттите во Солун, тогаш град со повеќе од 600 илјади жители се организираа огромни протести од милион и половина со факели, паради, сѐ. Тоа беше чудно, но беше и елемент во цементирање на овој ќор-сокак.

Рускиот амбасадор при ЕУ во подолгото интервју за МИА, дава свои погледи и ставови за референдумот во Македонија од 30 септември, за Договорот од Преспа, а посебно се осврнува на македонските аспирации за членство во ЕУ и НАТО. Говори за пропуштените шанси во спорот за името во последните 25 години….

Според него, за Македонија е подобро да се зачлени во Евроазиската унија, „како похумана и подемократска организација“, отколку во НАТО. Тој Алијансата ја смета за погрешен концепт од минатиот век, што не успеал да се трансформира.

Во ексклузивното интервју за МИА, амбасадорот Чизов говори и за „грешките кои носат последици“ од Договорот од Преспа, но и за тоа дека целиот проект мора да заврши онаму каде и почна, пред Советот за безбедност на ОН, каде ќе се отвори дискусија на која Русија ќе го каже својот став.