Чекаат термин за преглед со месеци, па не доаѓаат

И натаму има проблем со закажување термин за компјутерска и магнетна резонанца, како и рендген-дијагностика, при што пациентите чекаат и по два месеца за преглед на дел од клиниките каде што има ваква апаратура. Но анализата на Министерството за здравство покажала дека голем број од закажаните термини не се реализираат, веројатно бидејќи пациенти што закажале термин да се снимаат го направиле тоа порано, со приоритетен упат. Поради тоа работна група сега врши контрола во установите каде што има компјутерска  и магнетна резонанца.

Решението за недостиг на термини, според министерот Венко Филипче, во Битола се решава со зголемен број термини бидејќи се додала уште една смена, па сега се работи до подоцна во ноќта.

„Станува збор и за недостиг на апарати. Заради тоа планираме набавка на медицински апарати за 2019 година, токму врз основа на анализата на овие податоци. Апарати за компјутерска томографија и магнетна резонанца треба да добијат и некои центри што немаат, пред сè Медицинскиот центар во Кавадарци и Одделот за онкологија во Клиничката болница во Битола, со што овој центар ќе го преземе дел од товарот што го има Клиниката за онкологија во Скопје“, рече министерот Венко Филипче.

(В.М.Л.)