Црногорскиот министер за одбрана Предраг Бошковиќ во посета на Македонија

На покана на министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во официјална посета на Република Македонија ќе престојува министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ.

Предвидена е средба на двајцата министри, по што ќе се одржи и средба на делегациите.

Министрите за одбрана на Македонија и на Црна Гора потоа во касарната „Гоце Делчев“ ќе присуствуваат и ќе се обратат на свечената заклетва и промоција на питомците на Воената академија.

Министерот Бошковиќ во рамки на посетата ќе се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и претседателот на РМ, Ѓорге Иванов.