Ципрас веднаш би го решил името, ама има проблеми со коалицијата

Штефан Требст (63) е германски научник, новинар, македонист и експерт за Источна Европа. Од 1999 година е професор за културни студии на Институтот за славистика на Универзитетот во Лајпциг, како и заменик-директор на Лајпцишкиот центар за историја и култура. Во 1979/80 година бил студент на размена на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и гостин-научник на Институтот за национална историја. Во интервјуто за „Независен весник“, кое го реализиравме при неговото гостување на Американ колеџ во Скопје, разговаравме за актуелната политичка ситуација во Македонија, преговорите за името со Грција и перспективите на нашата земја.

Професоре Требст, какво е Вашето мислење за новата влада и напорите што ги прави за приближување до евроатлантските интеграции?

– Сметам дека тоа веќе долг период е мотив на сите влади, но за жал, досега немаше успеси. Сега ќе видиме какви ќе бидат реакциите од грчката страна. Претпоставувам дека доколку таа зависеше од премиерот Алексис Ципрас, тој би постигнал договор со Македонија, но има тешкотии со коалициските партнери, па затоа не сум сигурен како ќе се расплете оваа ситуација. Генерално, сметам дека во раните деведесетти не се искористи прозорецот на можности и како што е често случај во политиката, ако не искористиш шанса, ќе треба да помине голем период за да добиеш нова. Лично, не сум баш оптимист.

Поради грчката страна?

– Да.

Сметате ли дека македонската страна, односно оваа Влада е подготвена да прифати сѐ што бараат Грците? Не мислите ли дека, сепак, не можеме да одиме подалеку од замислените црвени линии?

– Сметам дека додавки и придавки врз „Македонија“ нема да успеат, затоа што името не би било комуникативно. Зборувам од македонска гледна точка.

Но, последните информации велат дека македонската страна би прифатила некое име со додавка, а проблемот е во Уставот. Дали сметате дека треба да се смени Уставот?

– Мислам дека Уставот не е запишан во камен. Тој е подложен на измени. Македонија досега го имаше правено тоа, така што не би било првпат. Но, според мене, невообичаено, непријателски и нефер е влада на соседна земја да побара такво нешто. Во почетокот на 90-тите години, обединета Германија имаше спор со Полска околу источната граница, но проблемот не беше решен со промена на уставот.

Дали меѓународната заедница се обидува да извади максимум од двете страни или притисокот е само врз Македонија?

– Се сеќавам дека во 2014 година, кога Германија организираше спасувачка операција за Грција и нејзината економија, имаше предлози да се искористи тој момент и да се притисне Грција, односно да се мотивираат да го решат спорот за името. Но, реакциите од Атина беа хистерични, дури и велеа: „Не ви ги сакаме парите ако инсистирате на тоа“. Чекајте, кој кому помагаше во таа ситуација? Сепак, од за мене нејасни причини, Гермaнија рече: „Во ред, тогаш нема да бараме ништо од вас“.

Колку време не сте биле во Македонија?

– Бев лани, преклани…

Прашувам за да го слушнам Вашето мислење за новото лице на Скопје. Дали поранешната политичка врхушка згреши или претера со „провокациите“ кон Грција или тоа е наше историски наследство, па нема кому и зошто да се правдаме?

– Работата со антиквизацијата е голема глупост. Се сеќавам како студент кога бев тука во доцните 1970-ти. Официјалното верување беше дека нациите се продукт на капитализмот. Па се веруваше дека штом Македонците зборуваат словенски јазик, значи потекнале од Словените, кои пристигнале во 6 век од новата ера. Во 1991 или 1992 година, Васил Тупурковски напиша книга за античкото потекло на Македонците. Сите му се смееја, мислеа дека е луд. Но, ете, гледаме дека денес таа тема не е табу. Всушност, има различни теории и околу создавањето на германската нација, но тоа не е предмет на интерес, никој не се грижи колку сме стари.

Ако бевте Македонец, дали би прифатиле промена на името, на идентитетот и на јазикот?

– Не би преговарал за јазикот и за идентитетот, тие не се предмет на меѓународното право. Се признаваат државите, а јазикот и идентитетот се интерна работа.

Каква е иднината на Македонија доколку не биде постигнат договор со Грција, односно останеме пред портите на Европската Унија и на НАТО?

– Не мислам дека нешто драматично ќе се смени, затоа што ситуацијата е идентична веќе 27 години. Како што велеа од поранешната влада, држењето на Македонија надвор од европските процеси предизвикува акт на фрустрација, па претпоставувам дека ќе се свртите кон други решенија, како Кина или Русија.

Русија? Зар мислите дека постои некоја поголема политичка партија во Македонија што се стреми за сојузништво со Русија? Да Ве потсетам дека неодамна и ВМРО-ДПМНЕ јавно се приклучи на страната на ЕУ и на НАТО, соопштувајќи дека партнери на Македонија се Брисел и Вашингтон, а не Москва.

– Не знам за тоа, ама знам дека меѓу интелектуалците во земјава има одредени кругови кои го потенцираат словенското братство, православието и со носталгија зборуваат за времињата кога истакнати македонски интелектуалци се школувале во Санкт Петербург.

Горан Адамовски