Цветанка Ласкова: Не знаев за грантот на снаа ми

Цветанка Ласкова, посебен советник за култура на премиерот Зоран Заев, се огласи по лавината реакции во јавноста дека нејзината снаа за син е добитник на грант вреден 330.000 евра од Фондот за иновации.

„Во интерес на јавноста, сакам да потенцирам дека јас како советник за култура во Канцеларијата на премиерот, немам никаков пристап во креирање на економските политики на владата од ниту еден аспект, а најмалку во доделување на државната помош. Јас не сум именуван функционер, туку службеник-советник кој извршува професионални работни задачи исклучиво во областа на културата. Укажувам дека ниту некогаш сум била инволвирана во професионалните ангажмани на членовите на моето семејство, ниту имам намера во иднина да бидам вклучена, ниту пак сум била запознаена со повиците за грабнтови на Фондот и со одлуките кои комисијата на тој Фонд ги донела. Ги повикувам надлежните институции, да се изјаснат доколку постои какво било нарушување на процедурите или пак конфликт на интерес поврзан со мојот професионален ангажман“, пишува Ласкова на својот профил на „Фејсбук“.

Медиумите открија дека фирмата на снаата на Ласкова била формирана пред само четири месеци.