Цаца Николовска: Одреден, но недоволен, напредок во транспарентноста на Судски совет

„Може да се види одреден напредок во транспарентноста на Судскиот совет, но според нашите истражувања, се уште, е недоволна, како што тоа го бараат меѓународните документи“, изјави Маргарита Цаца Николовска, претседателка на Институтот за човекови права.

Мониторинг извештајот за транспарентноста, отчетноста и ефективноста на Судскиот совет на Република Македонија за периодот август – ноември 2017 покажува дека биле одржани 11 седници, од кои шест отворени и пет затворени за јавноста, додека одлуките за избор на судии и претседатели се тешко достапни, а записниците од седниците не се објавуваат.

„Потребна е транспарентноста за да може граѓаните да осознаат зошто еден судија е избран, зошто друг судија не е избран. Истото се однесува и за самите судии кои може да бидат незадоволни од изборот, а едноставно не знаат зошто ако ги исполнуваат условите не биле избрани и што е причината за такво нешто“, рече Цаца Николовска.

Посочи дека има зголемено разрешување на судии кои незадоволни од постапката се обраќаат во Стразбур.

„Тоа што Стразбур го најде меѓу другото е и заради таа неотчетност и транспарентност. Друга работа е независноста. Не може да има независно судство, ако во делот на избор и разрешување нема транспарентност и отчетност на органите и нема никаква одговорност во тој дел“, рече Цаца Николовска.

Посочи дека овие проблеми може да се надминат ако се стават некои појаки законски обврски во таа насока и однесувањето на органите биде под надзор.

Прашана за последниот избор на Судскиот совет, Цаца Николовска рече дека постапката наспроти минатото кога била без коментари и бодувања сега има проблеми со бодовите, што значи собирањето на тие бодови и дали треба само бодовите да се гледаат или да се прави разлика меѓу бодови за првостепени судови и за повисоки судови.