Царовска: Подготвени сме за дијалог со синдикатите

Скопје, 29 декември 2017 (МИА) – Подготвени сме за отворен дијалог и дебата и да дојдеме до конечни заеднички решенија, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, во врска со барањата на Конфедерацијата на слободни синдикати, најдоцна до 16 јануари да најдат заеднички прифатливи решенија, во спротивно ќе одржат и предупредувачки протест на 17 јанури пред Владата.

– Имам состанок на 17 јануари со Синдикатот што се однесува на социјалната заштита при КСС. Треба да се разговара за сите аспекти, треба да се разгледаат колективните договори, специфично во социјалната заштита многу години не е разгледан овој колективен договор, и подготвени сме за отворен дијалог и дебата и да дојдеме до конечни заеднички решенија, рече Царовска.

Во однос на детските градинки рече дека се во координација со СОНК, како и во однос на нивоата на исполнување на колективниот договор.

– Во буџетот за 2018 година за вработените во градинките ќе има зголемување на платите за пет отсто, што е приближување кон целосно остварување на колективниот договор, рече Царовска.

Таа, исто така, истакна дека во буџетот се предвидени над 200 вработувања во градинките, и на тој начин, според неа, ќе се направи обештетување на штетата што е направена од 2006 година, во однос на дисторизијата на вработените во тој сектор.

Инаку, КСС вчера најави дека на 17 јануари, во пет минути до 12 часот, ќе одржи јавен предупредувачки протест пред Владата.

КСС бара усогласување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата, да почнат преговори за зголемување на платите во јавниот сектор и преговори за измена на Општиот колективен договор за јавниот сектор. Од Синдикатот ја повикаа Владата најдоцна до 16 јануари да организира средба со синдикалните претставници со цел да се изнајдат заеднички решенија.