Холивуд го фали, Македонија не го вработува

Благој Веселинов (33) е името кое во последниов период одекнува сѐ погласно во странските филмски магазини, но и кај нас. Дипломираниот актер на ФДУ веќе десетина години е активен во независните и професионалните театри во земјава, има помали улоги во филмовите „Сенки“, „Панкот не е мртов“, „Балканот не е мртов“ и ја игра главната улога во филмот „Исцелител“. Во последниве две години е актуелен и со „Разговори во четири очи“ во режија Нина Николиќ, претстава која има остварено најмногу гостувања во странство во годинава што изминува.

Во интервјуто за „Независен весник“, разговараме за годинешните активности што ја одбележаа неговата професионална страна. Во моментов се подготвува за гостувањата во Бања Лука (15 декември) и Сараево (17 декември), со претставата „Разговори во четири очи“ на МНТ. Минатата недела се врати од Филмскиот фестивал „Блек најтс“ во Талин, Естонија, фестивал од А-категорија, каде што беше прикажан филмот „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески, каде што Веселинов го толкува ликот на Веле.

Иако со голем актерски ангажман зад себе, Веселинов сѐ уште е со статус – невработен.

(Во претставата „Разговори во четири очи“ со колешката Амернис Нокшиќи – Јовановска)

Кон крајот на уште една календарска година, Вашите активности не стивнуваат по големиот успех со филмот „Исцелител“, продолжувате и со две гостувања со претставата „Разговори во четири очи“ во Бања Лука и во Сараево. Можеше ли подобро да завршува оваа година?

– Не, не можеше. Многу од работите што му се случуваат на „Исцелител“ јас не ги очекував. Дел од работите што му се случија на филмот јас не ги ни посакував, оти не знаев ни дека постојат. Претставата, пак, „Разговори во четири очи“ е од огромно значење за сите нас што сме дел од неа. Тоа е најшетаната претстава во странство за 2017 година, и на следниве патувања во Бања Лука и Сараево уште еднаш ќе се собереме да патуваме заедно. Станавме како фамилија, си ги научивме сите недостатоци и немаме никакви пречки со нашите емотивни состојби што ги носиме како луѓе, а од професионален аспект се почитуваме многу. Благодарен сум ѝ на целата екипа што ја направи оваа претстава таква каква што е и што сè уште се гледа и после две години од нејзиното поставување.

Веќе споменавте дека е претстава со најмногу гостувања во странство за 2017 година. Ја игравте во Србија, Словачка, Русија, Белорусија… но, исто така, и дома е добро прифатена од публиката. Како оваа емотивна драма поминува кај публиката надвор во споредба со домашната?

– Кога се гостува надвор од матичната држава, многу често се наидува на прашања за кои ние воопшто и не сме зборувале. Луѓето препознаваат нови аспекти во претставата, отвораат нови теми кои се надвор од нашата разработка. Самите слики, самата женска автобиографија, секако дека допира најмногу можеби до женската публика, но и машката е засегната од самата животна приказна и светот кој заеднички го делиме. Наидуваме на позитивни реакции и од сите досегашни гостувања носиме само позитивни искуства.

Важи ли она дека треба од надвор да ни кажат дека нашиот производ е добар, за да го прифатиме и дома?

– Не знам дали е секогаш така. Во овој случај не, бидејќи оваа претстава е гледана и дома, исто така и филмот „Исцелител“ е добро прифатен и дома. Тоа се тие два проекта на кои сум многу горд.

Филмот „Исцелител“ е доказ дека не мора да бидат вложени милионски суми за да се направи добар производ, кој и во светот ќе биде препознаен како квалитет. Се сложувате?

– Нема да се сложам со ова поради моментот дека филмот е скапа работа. Но и поради тоа што не сакам во иднина да видам еден човек да прави сѐ. Не сакам да го видам режисерот Ѓорче Ставрески како ја врши целата работа. Неговиот емотивен, временски и физички влог, за кој сведочам, ми укажува на тоа дека во филм треба да се инвестира. Можеби не во милионски суми, но треба да се препознае добриот проект и да се поддржи со повеќе пари. За да се заврши целата работа како што треба и да не мора тоа да биде на товар на еден човек, ќе мора да има пари.

Но факт е дека во изминатите години имаше милионски суми дадени за филмови кои не направија никаков успех ниту дома ниту во странство.

– Апсурдно ми е да ги коментирам нивните успеси и за тоа што направи македонскиот филм во изминативе 10 години, од проста причина што пари им беа дадени на извикани режисерски имиња. Разочарувањето кај публиката или, пак, среќата, ако таа ја има, е резултат на нивниот производ. Ако ја изневериле публиката, таа веќе нема да ги препознава нивните дела. Живееме во брзо време и се случува да заборавиме на многу познати актерски и режисерски имиња. Се надевам дека во иднина режисерите ќе работат на тоа да си го остават образот чист бидејќи, ние актерите, нема да ги толерираме нивните погрешни постапки.

Една од многубројните позитивни рецензии што се појавија за „Исцелител“ е и онаа на „Холивуд репортер“, во која се предлага римејк на филмот на англиски јазик, а улогата на Веле да ја игра можеби Метју Меконахи или Вуди Харелсон. Па, какво би било чувството да ги погледнете некои од овие актери како го толкуваат ликот кој Вие го изградивте и му дадовте карактер?

– Тоа е надвор од памет. Но сите овие секојдневни позитивни признанија за филмот, ако кулминираат со тоа, сценариото на Ѓорче да биде поставено во САД, е најдоброто што може да се случи. Тогаш, би го изгледал цел филм бидејќи вака не можам да направам дистанца од самиот себе, а да се гледам 104 минути колку што трае филмот. Знам филмови што беа успешни во своите матични земји и на крај имаа холивудски римејк, ако тоа се случи со „Исцелител“, тоа ќе биде сериозен успех за целата земја.

Дипломиран актер сте од ФДУ, кој десетина години е постојано активен и во професионалните и во независните театри, но и во помали филмски улоги пред „Исцелител“. Сепак, Вие сте со статус – невработен. Зошто? 

– Како што поминува времето сѐ повеќе ми станува јасно дека тоа прашање треба да го одговорат директорите на театрите од тоа време. Особено оние што ја диктираа целата театарска политика во Македонија. Вие како новинари треба да им ги поставите овие прашања ним, тие се живи луѓе, еве, и денеска се актери, режисери и навистина ме интересира што ќе ви одговорат, но никогаш нема да бидат искрени. Кога имаше втор или трет конкурс за вработување на кој и јас конкурирав, по резултатите се отвори можност да можам да ги тужам, но не го сторив тоа. Имаше низа нерегуларности вработувајќи актери од кои дел беа без соодветно образование. Но конкурсот изгледаше така како што ние како земја дозволуваме тоа да се случува. Шаблонски направен со кој си ги вработија тие луѓе. Од оваа дистанца, ниту сакам ниту би бил дел од нивната театарска политика. Интервјуата секогаш сакам да ги завршувам со љубов, но тука ќе завршам со тоа дека на нивната театарска политика очигледно не им беше потребна мојата актерска љубов.

Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски