Хелсиншки комитет: Останува прашањето зошто МВР нема поднесено кривична пријава против Асани
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија смета дека е исполнето битието на кривичното дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста” согласно изјавата на полицајката, дека таа била вербално нападната додека ја вршела својата должност на проверка и контрола на неправилно паркирани возила меѓу кои било и возилото на напаѓачот, Бекир Асани, функционер на ДУИ.
– Во никој случај не може само физичкиот напад да се смета за исполнување на битието на делото, бидејќи самата одредба од Кривичниот законик потврдува дека за напад се смета и заканата, малтретирањето и навредата. Останува прашањето зошто МВР нема поднесено кривична пријава против лицето Бекир Асан за кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста” од член 383 од Кривичниот законик, имајќи предвид дека исполнето е битието на ова кривично дело, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.
Од ХКЧП напоменуваат дека напаѓањето на полицајката и третирањето на овој случај повлекува и прашања за справувањето со случаите кога се работи за жени припаднички на полицијата и повлекува во најмала рака сомнеж за заштитата која им се дава на полицајките.
За овие прашања Хелсиншкиот комитет ќе се обрати и писмено до МВР и Секторот за внатрешна контрола.