Хан: ЕУ мора да ја награди Македонија, во спротивно ризикува нестабилност

Македонија треба да биде наградена од ЕУ за напредокот и за договорот со Грција со кој се става крај на 27-годишниот спор за името. Ако не добие награда на конкретен начин тоа ќе има огромен негативен ефект за целиот регион, порача еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан во пресрет на денешниот министерски состанок и самитот на лидерите на ЕУ во четврток и петок на кој треба да се донесат одлуки почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија.

Хан предупреди дека евентуалното одбивање на двете земји ќе има негативни последици за стабилноста и европерспективата на регионот.

– Мислам дека сите треба да бидат свесни за тоа и се надевам дека на крајот ќе сфатат колку е важно да се испрати позитивен сигнал за регионот, изјави Хан на состанокот ЕУ и Црна Гора во Луксембург.

Еврокомесарот ги повика земјите членки на ЕУ да дадат зелено светло почеток на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, нагласувајќи дека тоа би бил позитивен сигнал за целиот регион и потврда на кредибилитетот на Унијата.
– Постигнавме многу, и ако ги погледенте резултатите само од последните неколку месеци ќе видите дека тоа е резултат на европската перспектива. И јас не би можел да разберам ако тоа не биде препознаено, разбрано и наградено на соодветен начин, рече Јоханес Хан.