Хазби Лика се сели кај Села

Во рок од неколку дена вицепремиерот Хазби Лика остана без двете функции, кои, барем на хартија, ги исполнуваше изминатиот период. Владата ќе му го укине Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, а со тоа и неговото работно место, а матичната ДУИ го разреши од позицијата организациски секретар. Тој, пак, според информациите, веќе стапил во контакт со Зијадин Села, лидер на опозициската Алијанса за Албанците.

Владата, всушност, најде елегантен начин како да се ослободи од Лика, кој цели шест месеци не се појавуваше на седниците поради кавга со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Под образложение дека не е потребен Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, најави ново министерство за политички систем и мултикултурализам. За оваа измена ќе почне да се дебатира по празниците, а дотогаш вицепремиерот останува на позицијата. Откако изби скандалот со недоаѓањето на Лика на своето работно место, премиерот Зоран Заев изјави дека тоа е неприфатливо најавувајќи реконструкција на Владата. Реконструкцијата се сведе само на козметика, но затоа заменикот на Заев ќе извиси на друг начин.

Недоразбирањата што поранешниот градоначалник на Тетово, а едно време и заменик-министер за внатрешни работи, ги имаше со Али Ахмети кулминираа летово кога Лика не се појави на прославата од годишнината на Рамковниот договор, за чие имплементирање е задолжен. Тие не разговарале затоа што во една внатрепартиска битка Ахмети не застанал на страната на Лика, туку на друг висок партиски функционер. Поради тоа, вицепремиерот не се појавуваше ниту на состаноците на „Илинденска“, а тоа, пак, го кочеше процесот на прераспределба на 958 административни службеници – вработени во Секретаријатот. Тие требаше да преминат во институциите од јавниот сектор за што беа задолжени и органите на државната управа и на државните претпријатија. Неодамна, Лика беше разрешен и од функцијата организациски секретар, а на негово место беше назначен Артан Груби.

Сепак, според информациите од албански политички кругови, поранешниот командант на ОНА не планирал да седи со скрстени раце и да гледа како му се одзема моќта. Тој, наводно, веќе стапил во контакт со водството на Алијансата за Албанците и разговарал за евентуален трансфер.

Тоа воопшто не е чудно. Проблемите што Лика ги има со Ахмети се многу подлабоки отколку што мислите и отколку што знае јавноста. Но, не само со Лика, во ДУИ врие поради многу други работи и тие моментно се ставаат под тепих, но прашање е до кога. Очекуваме солиден број членови и симпатизери на ДУИ да преминат во нашата партија. Сепак, нереално е тоа да се очекува пред конгресот на партијата на Ахмети закажан во јуни кога се очекува кулминација на раздорот кај нив“, тврдат извори од партијата на Села.

Оттаму го посочуваат блиското пријателство што Лика го има со поранешниот пратеник и командант на ОНА, Зулфи Адили, кој од Унитети премина во Алијансата за Албанците. Се потенцира дека Лика има голем рејтинг кај Албанците поради военото минато и за него би се нашло место во партијата што претендира да ја собори ДУИ.

Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор беше формиран од страна на Владата на 5 април 2004 година со цел успешно спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан за да се прекинат воените дејства во Македонија во 2001 година. Како највисоки и долгорочни приоритети беа наведени: спроведување на стратегиските одлуки за понатамошна стабилизација на мултиетничкиот карактер на Македонија, координација на министерствата, развивање стратегиски пристапи за целите на Охридскиот договор, подобро разбирање на бенефициите што произлегуваат од Рамковниот…

Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, вчера кусо ни изјави дека во моментов нема ништо конкретно од Рамковниот договор што треба да се реализира, така што не гледа ништо спорно во неговото укинување.

Главниот на Секретаријатот задолжително беше назначуван и за вицепремиер во Владата. Тоа место секогаш им припаѓаше на политичарите од албанската заедница и тоа главно од ДУИ, која на челните позиции поставуваше исклучително високи партиски функционери: Бујар Османи, Муса Џафери, Невзат Бејта, Хазби Лика…

Горан Адамовски