Функционерите на Села поднесуваат оставки

Директорот на затворот „Идризово“ Керим Мамути, како што јавуваат медиумите, поднел оставка од функцијата, по одлуката на „Алијансата за Албанците“ да ја напушти владината коалиција.

Вчера, оставки депонираа и заменик-министрите за надворешни работи, за транспорт и врски и за труд и социјална политика, Арта Точи, Ремзи Мемеди и Елми Азири, како и државниот секретар во Министерството за правда, Зулфи Адили, како кадри на „Алијансата“.

Зијадин Села најави неделава дека неговата партија ќе дејствува како опозиција, откако не постигна договор со премиерот Зоран Заев за министерското место во „здравство“. Собранието го избра неделава Венко Филипче за нов министер за здравство, на предлог на СДСМ, а на Алијансата ѝ беше понудено вицепремиерско место за реформи, што Села не го прифати.

Заев изјави денеска дека вицепремиерското место, сепак, ќе го чува за партијата на Села, доколку се премисли да се врати во владејачката коалиција. Според Заев, станува збор за многу важна функција во пресрет на реформите што ги најави Владата.