ФРОДЕМ: Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ е конгрес на ретроградните и на новодојдените

Конгресот во Валандово не е легален израз на волјата на членството на ВМРО-ДПМНЕ, соопштија од ФРОДЕМ – Фронт за демократска Македонија.

„ДПМЕ и ВМРО се соочуваат со значајна одлука. Дали ќе одбере забрзано пропаѓање во интерес на една личност или избор во интерес на стотици илјади членови со што ќе направи брз пресврт за враќање на власт. ФРОДЕМ не го смета партискиот собир во Валандово за легитимен и легален израз на волјата на членството на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е Конгрес на партијата. Ова е Конгрес на ретроградните и новодојдени сили во партијата. Со еден кандидат за претседател на партијата нема ни демократија, ни промени. Сепак, ако се сака да се покаже волја за сепартиско обединување, овој партиски настан, собир, може да се искористи за формирање на заедничко Координативно тело кое во догледно време ќе создаде услови за одржување регуларен Конгрес, со нови делегати и демократски Статут“, соопштија од ФРОДЕМ.

Според соопштението, настојувањето по секоја цена да се избере еден некредибилен кандидат, повеќе познат како поранешен член на Либерално демократска партија, наспроти потребата за обединување, е крајно погубно.

„Доколку по секоја цена, без легалитет и легитимитет, врз основа на авторитарен статут кој се менува преку ноќ, се избере претседател, тогаш не преостанува друго туку и за ова прашање да ве гледаме по судските ходници. Повредата на правата на членството и на статутот дефинитивно ќе има судска разрешница. Изборот на претседател е нестатутарен и недемократски. ФРОДЕМ ги повикува присутните во Валандово да се фокусираат кон победа, а не кон пораз. Да покажат решителност и одважност. Повикуваме на консолидација и обединување на сите прогресивни струи во партијата. Сите добронамерни, демократски, слободоумни членови и групи треба да се обединат и да ја обноват моќта на ВМРО. Се друго е пропаст“, сметаат во ФРОДЕМ.