(ФОТО) „Есенција на егзистенција“: Успешно изложување на 20 македонски уметници во Приштина

Изложбата „Есенција на егзистенцијата“ на 20. македонски современи уметници која беше отворена во Националната галерија на Косово во Приштина предизвика особен интерес кај тамошната публика.

Куратори беа тројцата кустоси на Националната галерија на Македонија Ана Франговска, Горанчо Ѓорѓиевски и Маја Чанкуловска Михајловска.

„Со ова прво официјално претставување на македонската уметност во Косово се потврди воспоставувањето на плодотворната билатерална соработка помеѓу двете соседни држави Македонија и Косово и двете национални галерии, соработка која ќе се негува и продлабочува и во иднина. Изложбата беше отворена на високо државничко ниво, најнапред од страна на директорката на националната галерија на Косово г-ѓа Арта Агани, па потоа на публиката и се обратија заменик министерката за култура, млади и спорт на Р. Косово, г-ѓа Бурбиќе Бакија Дева и државниот секретар за култура на Р. Македонија, г-дин Валмир Азири и на крај се обрати директорот на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими. На самиот чин на отворањето беа присутни високи претставници на дипломатските корови во Р. Косово, а секако и амбасадорот на Р. Македонија во Косово, г-динот Илија Страшевски“, соопштуваат од Националната галерија на Македонија.

Критичките ставови за секојдневното егзистирање во делата од изложбата „Есенција на егзистенцијата“ може да се исчитуваат и во контекст на рефлектирање на долгогодишната „неподнослива тешкотија на постоењето“, како парафраза на насловот на ултрапознатиот роман од Милан Кундера, „Неподнослива леснотија на постоењето“ и нудат различни поими за борбата за (не)можното емотивно/емоционално егзистирање во рамките на репресивните општествени системи.

Eдноставната интерпретација на оваа теорија, распоредот на поставеноста и меѓурелациите на различните нивоа на потребите, при што преминот кон секое следно скалило е условено од задоволување на секое претходно, станува усложнета од основната социјална (не)сигурност како предуслов за обезбедување на основните животни потреби. Овој концепт со општ призвук ќе ги опфати аспектите на уметниците што на различни начини реагираат на егзистенцијалните принципи користејќи различни медиуми за визуелна експресија – од класични: сликарство, графика, скулптура преку инсталации, објекти, фотографија, па сè до видеопроекции, дигитални принтови, перформанси, звучни инсталации…

Селектираните уметници Исмет Рамичевиќ, Методи Ангелов, Атанас Ботев, Вана Урошевиќ, Ирена Паскали, Александар Станкоски, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Марија Сотировска, Игор Сековски, Осман Демири, Славица Јанешлиева, ОПА, Михаела Јовановска, колектив Зеро, Нехат Беќири, Димче Димески, Игор Тошевски, Гоце Наневски, Зени Балажи, Жанета Вангели, Дита Старова Ќерими во својот творечки вокабулар користат елементи што одговараат на главниот дискурс на концептот, секој од нив допирајќи ги точките на есенцијалностите на егзистенцијата на различни начини и од различни перспективи. Се надеваме и веруваме дека со овој тематски пресек ќе дадеме еден можен аспект кон разгледувањето на македонската современа уметност.