Формирано координативно тело за хуманитарна помош за Грција

Владата на Република Македонија формира координативно тело кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, што ќе се договори како потреба со надлежните институции во Грција и со градот Атина, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Владата на вчерашната 81-та седница донесе одлука да испрати финансиска помош во износ од шест милиони денари до Владата на Република Грција за справување со катастрофалните пожари што овие денови ја зафатија околината на Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање, владиниот портпарол рече дека шесте милиони денари помош за Грција се од Буџетот на РМ.

Бошњаковски истакна дека Владата го осудува секој говор на омраза искажан на социјалните мрежи поврзан со настаните во Атина.

– Изразуваме жалење и укажуваме дека говор на омраза, ксенофобија, облици на насилство и фашизам се апсолутно неприфатливи за Македонија како модерна демократска земја на патот кон исполнување на нејзините стратешки цели – членство во ЕУ и НАТО, рече Бошњаковски.

Тој додаде дека Македонија како држава има механизми како да се бори против говорот за омраза, но ова, како што посочи, е исто така обврска на сите професионални новинарски здруженија.

– Треба сите заедно да ги запазиме етичките стандарди на однесување во рамки на медиумите, рече Бошњаковски.