Фламинга и зебри од пролет во ЗОО

Јато фламинга и две зебри напролет ќе станат жители на Зоолошката градина во Скопје. Дотогаш треба да бидат изградени нивните живеалишта, за што Градот Скопје зема кредит од 10 милиони денари од Светска Банка.

Фламингата ќе живеат во дел од живеалиштето наменето за пингвини, а зебрите кај жирафите. Делот за пингвини, според директорот Ѓорѓи Галетановски е започнат да се гради пред повеќе години, но никогаш не бил довршен.

„Живеалиштето за пингвини има темели, но оставено е така. Огромно е и заради тоа решивме да направиме нов проект и да го поделиме на два дела, еден за фламинга, а еден за пингвини. Двете зебри, пак ќе се вселат во еден дел од живеалиштата кои сега ги користат жирафите“, објаснува Галетановски.

Семејството фламинга ќе бидат донација од градината во Келн, а зебрите ќе стигнат од Чешка. Галетановски најавува дека идната година во Скопје ќе стигнат и пингвини, а во преговори е со уште неколку европски Зоолошки градини за размена на уште десетина водиви мали животни.