Фити: Што ќе прави министерот во Прилеп ако премиерот е во Скопје?

Дали решение за регионалниот развој и за намалување на иселувањето е јавната администрација да се исели од Скопје кон поголемите македонски градови? Предлогот на професорот Марјан Бојаџиев за Македонија како мегалополис, или претворање на цела Македонија во еден град, за академик Таки Фити ниту може да се реализира ниту е решение за регионалниот развој.

На дебата во МАНУ беа посочени податоци дека речиси 43 проценти од БДП се генерираат во Скопскиот, а само 5 проценти во Североисточниот Регион. Бројот на ученици во Скопскиот Регион е поголем од бројот на ученици во цела Источна Македонија. Скопскиот Регион има за 50 проценти повисока просечна плата од Североисточниот Регион. Резултатот на ова е иселувањето.

„Македонија надвор од Скопје е во фаза на исчезнување. Мојата идеја е дека треба јавната администрација да почне да се преселува во 10 поголеми македонски градови. Прво, зашто јавната администрација треба да троши секаде каде што се создава национален доход. Второ, јавната администрација има во просек за 20-30 отсто повисоки плати и трето, немаме капацитети ни индустриски ни инфраструктурни, за да се отвораат фабрики надвор од Скопје. Затоа преселување на дел од министерствата ќе придонесе за развој на сите тие мали регионални центри. Ваква операција би чинела 10-годишен буџетски дефицит“, го образложи предлогот професор Бојаџиев.

Најбитна придобивка би била враќањето на средната класа. Бојаџиев направи споредба на Скопје со Бостон, во чие потесно градско подрачје живеат 500.000, како во Скопје, а во поширокото подрачје 4,5 милиони луѓе.

„И секој се чувствува дека живее во метропола. Нема потреба да живее во Скопје ако кое било населено место во метрополитен ареата може да има ист, па дури и подобар квалитет отколку да живее во Скопје. Но, за таа цел, е потребна ефикасна патна инфраструктура“, рече Бојаџиев илустрирајќи дека ако во Кочани има 15.000 административци, може да биде регионален центар за Берово, Пехчево, Делчево и Виница, и тие луѓе нема да имаат потреба од иселување ако има магистрални патишта кои ќе им овозможат да живеат во своето место, а да работат во Кочани.

Но претседателот на МАНУ, Таки Фити, укажувајќи дека предлогот е врзан со значајни проблеми и дека е скептичен околу можноста за реализација, се заложи за расправа за суштинските проблеми и процеси врзани со регионалниот развој, но заснована врз модерната научна мисла и придонесот на нобеловците Кругман и Ромер.

„Нема да го решиме Марјан проблемот со некаква дислокација на јавната администрација. Прво, како ќе го изведете тоа. Не можеме на луѓето да им речеме сега Министерството за финансии ќе биде во Прилеп. Но во Скопје ќе ти остане претседателот на Владата, а министрите ги нема. Потребна е сериозна анализа. Спорен, неспорен, нека се дискутира предлогот на професорот, но треба малку посериозно да ги подготвуваме овие работи, да ги фатиме клучните теми и во иднина да разговараме за оваа проблематика“, нагласи академик Фити.

Големиот проблем поврзан со процесот на децентрализација, особено со фискалната децентрализација, според Фити е една од носечките теми поврзани со регионалниот развој. Македонија има обврски како земја кандидат за ЕУ да ја следи Европската повелба за локална самоуправа, и од тој аспект да ја преиспита децентрализацијата.

„Треба да се зборува посебно за оптималниот степен на децентрализација во локалните национални економии, тема која е отворена и создава големи проблеми во сите современи национални економии. Своевремено академик Ксенте Богоев, кој ја основа дисциплината локални финансии во поранешни југословенски рамки и беше европски стручњак од таа област, во еден од неговите последни трудови вели дека ако ние дојдеме со степен на фискална децентрализација до 12 отсто тоа ќе биде добар резултат. Многубројни испитувања за земјите во транзиција покажуваат дека секоја земја што надминала над 20 отсто во фискалната децентрализација, се соочува со сериозни проблеми“, посочи Фити.

МАНУ планира во текот на 2019 година да отвори расправа за регионалниот развој.

Анита Салтировска