Филип Петровски: Мицко, напушти го парламентот, па владеј, нема да ти пречам

Филип Петровски, кој важи за еден од најголемите внатрешни противници на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ му испрати порака на претседателот Христијан Мицкоски заедно да ја соборат власта, а потоа ќе се тргне и ќе му даде поддршка да стане премиер. На својот профил на „Фејсбук“, ексдиректорот на Архивот на Македонија, бара ВМРО-ДПМНЕ да го напушти Собранието, алудирајќи на одлуката на парламентарното мнозинство да донесе нов закон, со кој за избор на членови на Државната изборна комисија ќе бидат потребни 61 гласа, со што би се откочил процесот за подготовка на референдумот за името.

„Мицко, напушти го Парламентот. Нека прави Заев што сака. Се ќе му поништиме. Од корен. Ќе собереме 200.000 надвор и ќе има ново народно Собрание. После владеј ти. Помогни да ја спасиме Македонија и ти ветувам дека нема да ти пречам. Ние ќе те поставиме. Не ти треба Бејли“, пишува Петровски.

Тој се налути што поранешниот лидер Никола Груевски го фаворизираше Мицкоски за негов наследник, по што Петровски стана фракционер. Активен е на протестите за зачувување на уставното име на Македонија.