Филипче ќе ги спојува скопските клиники во Клинички центар

Скопските клиники повторно ќе се спојуваат во еден клинички центар, најави новиот министер за здравство Венко Филипче.

Така беше до пред десет години, кога сите 31 клиника беа заедно со еден директор.

Целта е да се намалат трошоците што сега се прават за посебни управни одбори, разни комисии, за економските директори кои во иднина ќе се укинат, да се централизираат набавките на лекови и медицински материјал.

„Има идеја за интегрирање на клиниките, во форма во која претходно функционираа како клинички центар. Ова ќе го правиме за да се намалат трошоците и да се олесни функционирањето – рече Филипче.

Во владина процедура е пилот проект за интегрирање и на здравствени установи во другите градови во земјава. Пилот проектот ќе почне во Кочани, Гевгелија и Дебар.

„Во овие градови на пример во истиот двор функционираат и болница и здравствени дом, а во Дебар во иста зграда функционираат со различни директори, и со различни управни одбори. Сметаме дека ова е апсолутно непотребен трошок, но и ќе се подобрат здравствените услуги што ги добиваат граѓаните. Овој пилот проект ќе почне наскоро“, појасни министерот за здравство.