Филипче: Подготвуваме транспорт за повредените во сообраќајката кај Лесковац

Подготвуваме транспорт за македонските пациенти кои беа повредени во сообраќајната несреќа кај Лесковац, а кои се сместени во болницата во тој град. Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој посочи дека изутрината зборувал со директорот на болницата во Лесковац.

Истакна дека станува збор за осум пациенти кои се во добра здравствена состојба и може да се вратат дома.

– Во Клиничкиот центар во Ниш се сместени шест посериозно повредени патници, од кои едниот од нив утрово е префрлен на одделение, а петмина се во одделението за интензивна нега. Од петмината двајца се на респираторна машина, виталните параментри им се стабилни и верувам дека и нивната состојба ќе се подобрува. Денес ни кажаа дека се подготвени за транспорт, а ние сега ќе преземеме активности, додаде Филипче.