Филипче: Инсулинот денеска ќе биде пуштен во продажба

Во Македонија нема инсулинска криза. Главниот проблем поради кој се јавува недостиг на инсулин е процедурата за набавка, рече новиот министер за здравство, Венко Филипче, на денешната прес конференција.

„Во моментот нема инсулинска криза. Се покри количината на потребни инсулини и во моментов има доволно, но ќе ја подобриме процедурата да не дозволиме во ниеден момент да има недостиг на тие лекови“, рече Филипче.

Според него, најголемиот проблем во набавката на инсулин е процедурата која трае долго.

Од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) денеска информираа дека по доставено известување од страна на дистрибутер за пристигната пратка на инсулини (во последните денови од ноември), инспекцискиот тим на МАЛМЕД спроведе соодветен надзор.

„При тоа инспекторите во тек на два дена направија детален инспекциски надзор над секое поединечно пакување и зедоа соодветни примероци за понатамошни испитувања. При првичниот инспекциски надзор, преку читање на дата-логерите утврдено е дека производствената локација наведена на надворешното пакување не е пријавена соодветно во Р Македонија поради што беше побарано од дистрибутерот да ја дополни документацијата. Подоцна за истиот пропуст е поведена прекршочна постапка. По комплетирањето на целосната документација пристапено е кон понатамошни лабораториски испитувања на квалитетот на донесените серии инсулин во акредитирана лабораторија за испитување и контрола на лекови“, велат од Агенцијата.

Од таму апелираат доставувачите навремено да ги обезбедуваат потребните количини инсулини и тие количини да бидат за подолг временски период од еден месец за да можеме да ги спроведеме сите потребни испитувања.