Филипов се покани на „туѓа свадба“

Поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов вчера го пушти „ливчето“ со своето име во социјалдемократската претседателска изборна кутија. Тој е прв што се кандидира на огласот на СДСМ, кој е отворен до 19 февруари, а во пресрет на вечерашниот извршен одбор на партијата, на кој, според одредени информации, ќе се разговара и за претседателските избори.

Очекувано, во најавата на Филипов за својата кандидатура доминираа термините кои се дел од главните политички пароли на коалициските владини партнери – „консензуален претседател“ и „едно општество за сите“.

„Ќе делувам според принципот дека сме едно општество. Сите сакаат да живеат во мир и безбедност, со здрав и чист воздух, квалитетно образование, добро здравство“, рече Филипов на прес-конференција. Тој додаде дека ќе биде добар консензуален претседател иако тоа не е јасно дефиниран термин, а би требало да значи поддршка од 75 проценти од населението. Очекува СДСМ да ги разгледа кандидатурите и да донесе правилна одлука.

Ваков развој на настаните Филипов најави ден по објавувањето на огласот на четврти февруари, кога рече дека извесен број пријатели, поединци и групи или претставници на групи изразиле интерес за негово кандидирање за претседател на државата на претстојните избори.

Свесен за реалноста, немал намера да собира потписи ниту самостојно да прогласува кандидатура. Влегува во трката за кандидат на СДСМ бидејќи своите ставови пред сè за евроатлантската интеграција цени дека се поблиски до оние на владејачката партија.

Без оглед што споделува исти ставови со социјалдемократите, една друга реалност вели дека амбициите на Филипов да триумфира во трката за претседателски кандидат на владејачката гарнитура се благо речено нереални. На прашањето кој е неговиот мотив да учествува во трка во која однапред знае дека шансите му се сведени на минимум, дел од социјалдемократите креваат раменици, иако не кријат дека станува збор за квалитетен кадар со дипломатска кариера, но релативно непознат за пошироката јавност. Неодамна вицепремиерката Радмила Шекеринска рече: „Кандидатите со кои ќе настапи СДСМ не се кандидати кои ќе ги најдеме во архивите и преку ноќ ќе треба да им ги приближиме на граѓаните“.

Филипов е доктор по технички науки со осум специјализации. Член на Европската академија на науките и уметности (во која патем беше инаугуриран како проректор актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов, а членуваат над дваесет лица од Македонија), има шест книги и 180 научни труда. Тој беше амбасадор на Македонија во Германија (2005-2010) во време кога македонската влада ја предводеше Владо Бучковски, а шеф на државата беше Бранко Црвенковски. Потоа стана амбасадор во Австрија (2010-2014) кога премиер беше Никола Груевски, а шеф на државата Ѓорге Иванов. Своевремено беше директор на Државното биро за интелектуална сопственост, а во својата кариера членувал или претседавал со цела низа интернационални тела од таа област.

Во јавноста се експонираше за време на дебатите за Договорот од Грција. Неговиот став беше дека за првпат во историјата на разговорите за името двете страни ја разбрале суштината на прашањето. Тој ја истакнуваше важноста на зголемување на свеста и дека цената за решавање на спорот со името двете страни ќе ја платат исто. Ги советуваше и компаниите кои носат ознака македонски како да си го заштитат името нагласувајќи, сепак, дека ништо насила нема да биде променето и дека за тоа дополнително ќе се разговара.

„Не станува збор за скриен адут околу кој евентуално би се обединеле коалициските партнери. Освен дополнителна афирмација и комерцијализација не знам кои би биле другите мотиви на Филипов“, велат дел од социјалдемократите со кои вчера разговаравме.

Според нив, на Филипов му е совршено јасно кои се фаворитите во претседателската трка и како тој може да помине низ партиските филтри и кај делегатите на конгресот со оглед дека никогаш не бил партиски активен.

„Димитров и Пендаровски, исто така, не се партиски членови, но беа директни учесници во извонредно важните политички процеси. Пендаровски беше веќе претседателски кандидат, а и носител на листата во првата изборна единица на парламентарните избори. Речиси секогаш стоеше зад Заев во најсензитивниот момент кога на прес-конференциите се објавуваа „бомбите“ за криминалите на претходната власт. Димитров, пак, е еден од креаторите на Договорот од Преспа, кој овозможи историски исчекор за земјата. Актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и вицепремиерката Радмила Шекеринска, пак, ги имаат поминато сите партиски скалила“, велат нашите соговорници.

Конечниот избор СДСМ ќе го донесе на конгресот на 3 март. Дотогаш сè е можно, велат од партијата, па и договор со ДУИ за консензуален кандидат – идеја која беше најпрвин отфрлена, па повторно актуелизирана. Според одредени информации, не е исклучено премиерот Зоран Заев уште денеска да има повторна средба со Ахмети на која би се разговарало за двете теми – предвремени парламентарни избори и консензуален претседателски кандидат.

Наум Котевски