Фајненшал Тајмс за надминувањето на спорот за името: Македонското решение е позитивен чекор за Европа

„Македонското решение е позитивен чекор за Европа“ оценува британски весник Фајненшал Тајмс, кој во колумната на уредувачкиот колегиум на медиумот наведува дека со решавањето на 27 годишниот отворен проблем помеѓу Грција и Македонија е достигнато ретко достигнување вредно за прослава на Западен Балкан.

Во тој контекст Фајненшал Тајмс наведува дека отвореното прашање за разликите околу името меѓу двете земји беше кочница за ЕУ и НАТО интеграциите на Македонија  и како резултат на ваквиот политички контекст 2 милиони луѓе беа оставени со мали шанси за економски просперитет и без никаква гаранција за нивната сигурност и безбедност.

„Во јуни минатата година двајцата премиери потпишаа договор на брегот на Преспанското езеро со којшто земјата се преименува во Република Северна Македонија, се признаваат јазикот и култура, се разграничува дека не постои поврзаност со античкото културно наследство и се отстрануваат иредентистичките ставови во учебниците по историја“, пишува Фајненшал Тајмс и додава дека спорот за името претставуваше ексцентричен анахронизам кој беше надвиснат над делот од Европа кој е синоним за буре барут на етнички тензии и геополитички ривалства.

„На новоизбраниот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, им припаѓаат заслугите за постигнатиот компромис. Грчкиот премиер ја презеде одговорноста и покрај отпорите на грчката опозиција“, пишува британскиот весник Фајненшал Тајмс.

„Сега е редот на Грција. Повеќе од очигледно е дека г-динот Ципрас ги има обезбедено потребниот број на гласови што се потребни за ратификација. Без разлика на повиците за осуда кои доаѓаат од националистите и од центристичката десница во опозицијата, извесно е дека договорот ќе биде изгласан со поддршка на То Потами, мала централно-лево ориентирана партија која порача дека нејзините пратеници слободно ќе гласаат“, се  заклучува во текстот објавен во влијателниот британски весник Фајненшал Тајмс.