Фалат десетина гласа за уставни измени. Ќе се проширува ли пак мнозинството?

Вчерашното гласање за ратификација на договорот со Грција го исцрта распоредот на сили во парламентот по неодамнешното проширување на мнозинството, а во пресрет на другите одлуки што ќе треба да се донесат во наредниот период, како што е распишувањето на референдумот за името и уставните измени. За договорот, како и за неговата ратификација, гласаа по 69 пратеници и вчера и во вторникот.
Владејачкото мнозинство, по проширувањето на коалицијата, има 68 пратеници, со тоа што во ова гласање не учествуваше Ферид Мухиќ, кој гласаше „против“ потребата за ратификација на договорот, а вчера беше отсутен на гласањето. Исто така, на седницата за ратификацијата не присуствувал и Мендух Тачи, чија ДПА е сега дел од владејачката коалиција. Отсутен бил и Зијадин Села од сега опозициската Алијанса за Албанците, додека неговиот сопартиец Сурија Рашиди гласал „за“. Поддршка за ратификацијата дадоа и пратениците од тетовското крило на Беса – Фадил Зендели и Неџбедин Карамани.
Според тоа, доколку во гласањето се вклучат Тачи, Села и евентуално Мухиќ, во следните фази би можело да се смета на 72 гласа поддршка за понатамошна имплементација на договорот од Преспа. Така, за постигнување на потребното двотретинско мнозинство за уставни измени и евентуално за покренување импичмент за претседателот Ѓорге Иванов, на СДСМ, како водечка партија во владејачката коалиција, би ѝ недостигале само уште осум гласа.
Премиерот Зоран Заев деновиве не ја исклучи можноста од ново проширување на мнозинството, поврзувајќи го тоа со можноста да се покрене постапка за утврдување одговорност на Иванов по референдумот, доколку дотогаш не го потпише указот на законот за ратификација на договорот со Грција. Но, во таков случај, Заев ќе треба да „регрутира“ нови партнери од помалите партиите што се сѐ уште дел од опозициската коалиција или евентуално од самата ВМРО-ДПМНЕ. Вкупно 39 пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ гласаа „против“ потребата од ратификација на договорот со Грција. Во тој „скор“ не учествуваа пратениците кои се сѐ уште во домашен притвор, како и двајца пратеници од Социјалистичката партија, кои беа отсутни. Заев, најавувајќи дека размислува за импичмент на Иванов, не исклучи нови преговори за проширување на мнозинството.
„Парламентарното мнозинство ќе го зголемиме исклучиво за импичмент на претседателот. Ако мораме. Само кажувам дека окрупнувањето ќе дојде до двотретинско мнозинство. Имавме бран на преговори, со некои се договоривме, со некои не. Заврши времето на пренамагање, на лажење, на лични калкулации и политички калкулантства. Македонија мора да излезе напред и конечно има шанса преку своите граѓани да одлучи каква иднина сака. Не се заканувам, но ќе ја отстранам секоја блокада, во рамките на она што го дозволуваат демократијата и институциите“, изјави Заев во интервју за „Канал 5“. (А.М.М.)