Уште една висока претставничка во УЖ на ВМРО-ДПМНЕ поднесе оставка

Претседателката на Комисијата за труд и социјална политика и потсекретар во секретаријатот на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ Ирена Тодороска  e четвртата која поднесе оставка од функцијата.

Оставката ја објави на својот Фејсбук:

„Имав чест да работам со првата жена меѓу првите, борецот меѓу најголемите жени борци кои Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ може само да се гордее. Веста за оставката на Даниела Рангелова од Претседателка на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ, утрово ја примив со тешко уверување, но во исто време се сетив на тоа што таа секојдневно ни го повторуваше нам жените дека само храброста е мајка на сите добродетели. Работев неуморно деноноќно заедно со неа, ја запознав многу одблизу и таа дефинитивно испиша голема историја за Унијата која ќе се памети од сите минати,сегашни и идни генерации. Лично сведочам дека се бореше за сите нас жените, да го добиеме местото кое го заслужуваме во партијата!
Подолг временски период ме мачеа скроените политики на актуелното раководство и не се согласував со истите. Токму затоа, известувам дека давам неотповиклива оставка од сите партиски функции кои ми беа доверени, а кои ги извршував совесно и одговорно како претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на Унијата на жени и потсекретар во рамки на секретаријатот на Унијата. Со тоа, одлучно се изземам од политиките кои ги спроведува политичкиот врв на нашата партија. За мене, пред се како човек најважна е инклузивноста, партиципативноста во креирањето и спроведувањето на политиките, дијалогот, почитувањето на различното мислење и став на секој засегнат поединец, кои се основата на демократски вредности на кои се потпира нашата партија, што не е случај во изминатиот период. Јас ќе продолжам да дејствувам во рамки на нашата заедничка идеологија и исполнување на каузата на ВМРО-ДПМНЕ“ , пишува Тодороска во фејсбук статусот.