Уште еден Никола избега од правдата

Уште еден Никола кој требаше да оди во затвор избега од правдата и се најде на листата за потраги на Министерството за внатрешни работи. Тоа е Никола Војминовски, осуден на 13 години и шест месеци затвор за обид за убиство на пратеникот од Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој едвај остана жив при упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Војминовски за овој случај доби највисока затворска казна бидејќи заедно со Александар Јаневски-Тошта го извлекле Села од групата пратеници и го предале на агресивната маса која го претепа до бессознание.

Но токму на Војминовски и Тошта од сите седуммина обвинети, наместо притвор во Шутка, им беше одреден куќен притвор до правосилноста на пресудата поради здравствени проблеми. Војминовски неколку месеци беше во притвор во истражниот затвор, но тој му беше заменет со куќен на почетокот на мај 2018 година, два месеца пред изрекувањето на пресудата, а по барање на одбраната. Притворот му беше заменет откако еден месец претходно тој се онесвести во судницата. Информациите што излегоа тогаш беа дека Војминовски боледува од дијабетес и дека прима инсулин. Сега информациите од Обвинителството велат дека Војминовски имал кардиоваскуларни проблеми, односно проблеми со срцето. Обвинителството предложило да му биде продолжен куќниот притвор и по изрекувањето на пресудата бидејќи неговото здравје уште било кревко.

Судијката Славица Андреевска ги осуди седумтемина обвинети за нападот врз Села на над осумдесет години затворска казна на 5 јули минатата година, но Апелацискиот суд уште не одлучувал по жалбата на пресудата што ја поднел конкретно Војминовски, така што и по повеќе од шест месеци таа не е правосилна. Полицијата завчера го известила судот дека Војминовски не го нашла во неговиот дом при редовната проверка, па судот, исто како и во случајот со избеганиот премиер Никола Груевски, му одреди мерка притвор по неговото бегство. Од Министерството за внатрешни работи велат дека постапуваат единствено по насоки на Судот.

„Постапуваме по наредбата од Судот и распишаната меѓународна потерница и се преземаат сите потребни мерки за пронаоѓање на лицето“, соопштуваат од МВР. Од Обвинителството сега велат дека ако Министерството за внатрешни работи, кое е надлежно за контрола и надзор на мерката куќен притвор, обезбеди докази дека некој помогнал во бегството на Војминовски, тие ќе го истражуваат овој случај.

„Во целиот тек на постапката, од замената на мерката притвор во куќен притвор до донесување и објава на пресудата, до надлежниот јавен обвинител не беа доставени никакви податоци или информации за евентуално бегство на обвинетиот по кого сега е распишана потерница ниту такви податоци постојат за другиот обвинет кој се наоѓа во куќен притвор“, велат од Обвинителството.

Неколку месеци од пресудата Војминовски се појави како сведок во најголемиот судски процес што се води за крвавиот упад во Собрание. Во сведочењето тој ги потврди дел од тезите на Обвинителството дека упадот бил планиран претходно како единствен начин да се стави крај на новото парламентарно мнозинство на СДСМ и на ДУИ. По влегувањето на толпата во Собранието, претседателот Ѓорге Иванов требало да прогласи вонредна состојба. Вакви планови правеле поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов и обвинетиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов. Војминовски нивните планови ги слушнал еден ден пред влегувањето во Собранието. Но Обвинителството тврди дека неговото сведочење не било никаква олеснителна околност при замената на притворот.
„Сведочењето на обвинетиот во друг судски процес нема никаква поврзаност со замената на мерката притвор во куќен притвор“, велат од Обвинителството во соопштението. Сега Војминовски на барање на Судот се бара со меѓународна потерница. Кога беше донесен Законот за амнестија и тој поднесе барање за амнестија, но не доби по што се жалеше до Апелацискиот суд. Додека ја чекаше одлуката на Апелација, тој избега и сам си се амнестираше. На интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи, во делот на потраги, сликата на Војминовски осамна над фотографијата на поранешниот премиер Никола Груевски, кој исто така се бара со меѓународна потерница. Тој ја извести јавноста дека е во Будимпешта, но македонските власти не можат да го екстрадираат во Македонија за да ја одлежи двегодишната затворска казна на која е осуден. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција уште води предистражна постапка за да утврди кои институции потфрлиле, дали Министерството за внатрешни работи, дали судот или Специјалното јавно обвинителство. Постојат индиции за ненамерни пропусти, но Обвинителството сега треба да отвори постапка и да утврди дали некоја од институциите погрешила во проценката или и бегството на Војминовски е сплет на околности.

Војминовски е третиот Никола кој избега, а е осуден во судски процеси кои ветуваа дека секој во Македонија ќе одговара за кривичното дело. Освен тој и Груевски, од правдата успеаја да избегаат и поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски, клучните сведоци за прислушувањето. Тие во Грција, исто како и Груевски, се слободни граѓани и добија азил и Атина сè уште ги нема екстрадирано во Македонија.
Бегството поддржано од власта на СДСМ – ДУИ?
Ваквите бегства заедно со Законот за амнестија ја уриваат правната држава и тие се координирани и поддржани од страна на власта СДСМ-ДУИ со помош на МВР и политизираните судови.
Ова е реакцијата на Алијанса за Албанците, односно партијата на Зијадин Села по бегството на Никола Војминовски. Според нив, се чини дека во Македонија затворите се изградени само за Албанците, а осудените Македонци може да бегаат или да се амнестираат.
„По Законот за амнестија и бегството на Груевски, ја убиваат и последната надеж во Македонија дека некогаш ќе може да се врати правдата. Криминалот во Македонија не се санкционира, туку честопати се охрабрувана, па дури и се наградува. Оваа власт која дозволува бегство на криминалец осуден на 13 години затвор за убиство во обид, не може да ја заштити слободата на никого бидејќи криминалот и корупцијата длабоко метастазирале во политичкиот менталитет на сите влади, па и на сегашната“, велат од партијата.

Фросина Факова – Серафиновиќ