Уште десетина дискутанти за уставните измени. Ќе се гласа ли утре?

Уште десетина пратеници, според наши информации, се останати на листата на дискутанти за предлогот за пристапување кон уставни измени.

Речиси сите пратеници што останаа за дискусија се од редовите на парламентарното мнозинство, со исклучок на една пратеничка од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Другите пријавени пратеници од опозицијата, во меѓувреме, се откажаа од учество во расправата.

По еден ден пауза, расправата за пристапување кон уставни измени, ќе продолжи утре напладне. Проценките се дека расправата најверојатно ќе заврши во текот на утрешниот ден – на третото продолжение на 61 седница – која почна во понеделникот, иако, според Деловникот, таа може да трае максимум десет дена. Првичните најави се дека е можно веднаш потоа да се пристапи кон гласање.

Според наши информации, големи се шансите гласањето да се реализира уште утре, иако технички е изводливо и се остава можност тоа да се пролонгира и за некој од наредните денови, по затворањето на расправаат, а со оглед на неизвесноста што владее сѐ уште во однос на тоа дали е обезбедено квалификувано мнозинство за донесување на владиниот предлог.  За да се пристапи кон промена на Уставот, согласно со договорот од Преспа, во првата фаза од постапката треба да се обезбеди двотретинска поддршка, односно најмалку 80 гласови. (А.М.М.)