Утре официјална најава за покана во НАТО

Македонските власти чекаат утре официјална најава од седиштето на НАТО во Брисел дека на Македонија ќе ѝ биде доделена покана за членство на престојниот Самит на Алијансата во Брисел на 11 и 12 јули. Ова го најави денеска националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски на 98. РОС-РОТ семинар што се одржува во македонското Собрание. Вчера, на истиот настан, и премиерот Зоран Заев најави средба во петок со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, по што на заедничка прес-конференција би било објавено дека Македонија ќе ја добие поканата.

„Столтенберг ќе го објави тоа што македонските граѓани го чекаат со години. Тоа ќе биде завршна етапа од нашето асоцирање во Алијансата, имајќи предвид дека Македонија е неславен рекорден со 19 кругови од акциониот план за членство во НАТО, рече Пендаровски.

Во меѓувреме, како што кажа тој, Македонија покажа завидно ниво на отпорност, жилавост, со оглед дека двапати се наоѓала на работ.

– Првиот пат тоа беше во 2001 година кога имавме внатрешен конфликт, а само четири години подоцна во 2005 добивме статус кандидат за ЕУ. Вториот пат кога се вративме од работ е мината година кога по 11 години тврд автократски режим. Сега, една година по упадот во Собранието, разговараме Македонија да стане членка на Алијансата и начелно е договорен датум за преговри со ЕУ за јуни следната година, оцени Пендаровски.

Тој додаде дека во изминатата година Македонија затвори три крупни стратешки прашања, како што се потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија,
донесувањето на Законот за јазици, како стожерен елемент на Рамковниот договор и потпишувањето на Договорот со Грција за решавање на спорот со името.

Пендаровски се осврна за присуството и помошта на Алијансата во Македонија по 2001 година со нејзините три мисии за стабилизација на земјата.

Тој заклучи дека, за разлика од ЕУ, во НАТО нема замор од проширувањето, во НАТО никој не размислува за Брегзит, а за напуштање на Алијансата не размислува ниту Исланд кој нема армија, а ниту ни Луксембург чија армија брои 450 војници.