Успешен референдум е неопходен за НАТО и ЕУ

Поканата Македонија да стане членка на НАТО е многу важна за вас, но и за нас, изјави премиерката на Романија, Виорика Данчила вчера во Скопје. Романија ја поддржува евроинтеграцијата на земјава, но за тоа е многу важно референдумот што треба да се одржи на крајот на септември да биде успешен, вели Данчила.

„Мојата посета тука на неколку месеци пред преземањето на претседавањето со ЕУ на почетокот од 2019 година од страна на нашата држава е израз на поддршка на европскиот пат на Македонија. Знаеме дека следниот извештај за Македонија ќе биде објавен на крајот во јуни 2019 година. Се надевам дека ќе имаме консензус како Совет на ЕУ и до крајот на 2019 година со одржување на конференцијата ќе почнете со отворање на точките од пристапните преговори  за членство во ЕУ. Романија ќе се обиде да ви помогне на технички план. Посакувам голем успех на референдумот. Се надевам дека тоа ќе го разберат сите граѓани на Македонија“, рече премиерка Данчила.

Романската премиерка одржа заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев. Романија е голем пријател на Македонија истакна премиерот Заев, кој се заблагодари за принципиелната поддршка за реформскиот процес и за евроатлантските интеграции.

„Покажавме дека можеме да се справиме со тешката политичка криза  и дека можеме да работиме енергично на сите потребни реформи, дека можеме да бидеме мотор на регионот со унапредување на добрососедските односи. Покажавме дека кога се сака, кога се верува и кога се знае, се може и се успева. Ние очекуваме фер вреднување според индивидуални заслуги и го очекуваме нашето заслужено место во НАТО и во ЕУ. Затоа значајна е оваа наша средба посебно затоа што Републка Романија ќе го преземе претседателството со ЕУ во јануари 2019 година и ќе претседава со Унијата во клучните месеци за Македонија. Тоа се месеци кога треба да ги завршиме внатрешните реформи и да го заокружиме договорот со нашиот сосед, Грција“, рече Заев.

Меѓу другото на средбата се разговарало и за можностите за искористување на огромните потенцијали за економската соработка, како и за можностите за соработката во земјоделството и образованието. Околу овие активности ќе работат работни групи во двете земји, а најавен е и бизнис форум. Данчила рече дека во романскиот парламент е инаугуриран денот на македонскиот јазик, што ќе придионесе за дополнително подобрување на врските меѓу двете земји.

(В.М.Л.)