Условна казна за Томислав Лазаров за „Насилствата во Центар“

Затворска казна од шест месеци што нема да биде спроведена доколку во следните две години не стори кривично дело е пресудата што Кривичниот суд денеска му ја изрече на Томислав Лазаров, обвинет за „Насилствата во Центар“. Поранешниот претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, кој на недамнешното рочиште ја призна вината,  уште еднаш изрази каење и ветување дека нема да стори друго кривично дело. Тој се откажа од правото на жалба за висината на казната.

Лазаров е четвртообвинет за случајот за насилство. Се товари дека го поттикнал и организирал дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ на протест, со наводен мотив дека ќе се протестира поради рушењето на црквата „Св. Константин и Елена“, која беше во фаза на градба.

Во истиот предмет обвинети се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниелa Рангелова и уште 11 други лица. Судењето за овој случај на СЈО треба да продолжи на 29 ноември.