Унгарски рулет на Груевски: Кукавицата го стави моќникот зад решетки

Случајно или не, дента кога неговиот прв братучед, Никола Груевски, стана политички азилант во Унгарија, недопирливиот шеф на тајните служби, 53-годишниот Сашо Мијалков заврши во затворот во Шутка, каде што веќе се наоѓа неговиот кумашин Орце Камчев. Со него делеа и веројатно делат многу бизниси. Сега не делат ќелија, ниту кат. Камчев е во „Мериот“ – во затворскиот ВИП-дел. Мијалков е кат подолу во соба со обични смртници.

Ќе се согласите, прилично запалива приказна, со оглед на сите потреси од кои (по)среќен излезе само еден член на фамилијата во чии раце до скоро беа сконцентрирани најмоќните лостови на власта во оваа земја. Човекот кој важеше за еден од најмоќните луѓе во државата веројатно не очекуваше дека судбината ќе го одведе во една реалност која не е нежна ниту со суровите луѓе, каков што јавноста го доживеа по презентација на „бомбите“ на опозицијата, особено онаа во која слушнавме на каков понижувачки начин бил уапсен Љубе Бошковски.

Притиснат меѓу чеканот и наковалната тој здушно, од петни жили, се трудеше во последно време да покаже дека е европското лице на Македонија претставувајќи се како жесток борец за враќање на прозападниот курс на ВМРО-ДПМНЕ зацртан, како што самиот велеше, во трајните определби на неговата партија. Беше уверен дека тоа ќе биде неговиот билет за слобода. Но не излезе така. Можеби бегството на неговиот братучед му ги расипа плановите. Кој да знае што се може да биде сконцентрирано во параболата на „поитриот роднина“.

Проблемот со кумот, според оние што подобро го познаваат, е што сенката што ја фрлаше беше толку голема, што се околу него беше во мрак како во филмот на Копола „Прислушување“. По природата на работата, неговата активност беше тајна, но сите донекаде дознаа како тој дејствувал преку „бомбите“ на тогашната опозиција. Дотогаш речиси гласот не му го слушавме, но постојано беше околу нас. Успеваше да се материјализира насекаде, како прстен во рацете на Сатја Саи Баба, благодарејќи на вешто изградената аура на „капо ди тути капи“. Јавноста ја лазеа морници кога пред некоја година слушаше како секој општествен сегмент бил надгледуван и управуван од моќниот државен апарат, сметајќи го во служба на свој извршен ресор. Како се дробеа и уништуваа и последните остатоци од човечноста. Оттогаш почнува да се топи моќта на „началникот“ како запалена свеќа. Или, пак, тоа се случува малку порано?

Ако се направи една ретроспектива, може да се заклучи дека неговите проблеми, практично, почнуваат многу порано, во 2008 година. Тогаш Управата за безбедност и контраразузнавање, позната и под името тајната полиција (која тој почнува да ја раководи во август 2006 година) добива во рацете енормно зголемен буџет од 400.000 евра на 25 милиони евра. За да го вртиш тој жежок костен во рацете, велат познавачите, потребна е исклучителна самоконтрола и приземјен однос кон нештата, што Мијалков очигледно не го поседуваше како црта во својот карактер. Познавачите на функционирањето и на поставеноста на таквите служби во други земји рекоа дека таков скок на доделени средства за внатрешнобезбедносните потреби не е забележан ниту во САД по терористичките напади од 11 септември 2001 година.

Што планираат со оваа фантастична цифра (која подоцна и се зголемуваше) премиерот Груевски и директорот на УБК, Сашо Мијалков? – прашаа срамежливо дел од медиумите. Тогашниот лидер на либералдемократите, Јован Манасиевски, обелодени дека според анализите што ги правел со својот тим тајната полиција немала потрошено толку пари во последните осум години до таа 2008 година. Неколку години подоцна опозицијата обвини со аудио и материјални докази дека деликатниот ресор доделен од братучедот бил искористен да се врши притисок и тортура врз неистомислениците и да се прави тезга за лично богатење.

Мијалков не е редовен претплатник на листата на „Форбс“. Но, оние што подобро го познаваат, велат дека не се лутел никогаш бидејќи освен парите силно го мотивирала желбата да поседува неприкосновена моќ. Неговото огромно богатство, велат тие, е неспорно бидејќи е дете од „колено“. Негов татко е Јордан Мијалков, првиот министер за внатрешни работи во експертската Влада, кој има извршено огромно влијание во животот на братучедите, како што има кажано и Груевски.

Според востановената практика, додаваат тие, ненормално би било некој што потекнува од успешна лоза од претходниот систем, да не успее понатаму во животот. Потсетуваат на податокот дека во златните времиња Јордан Мијалков бил трговски претставник на моќниот „Макотекс“ во Прага, ексклузивна функција пар екселанс. Се зборува дека првите чекори во вештината на правење пари, со поддршка на татко му, Мијалков ги направил како студент на економскиот факултет во Прага, каде што дипломира и магистрира на тамошниот Економски факултет во 1994 година. Таму подоцна, наводно, го развива бизнисот во градежништвото, сè додека не се врати во Македонија во 1998 година, кога ја почнува кариерата во разузнавањето, прво како помошник-министер за одбрана и безбедносно разузнавање, а потоа и како советник на министерот за одбрана и државен советник за безбедносни прашања.

И полициската линија Мијалков ја наследува од него. За едни неговиот татко, кој загина во сообраќајна несреќа кај Врање, е искрен патриот, за други типичен полицаец замешан во многу игри. Врските што секогаш ги имал Јордан Мијалков со „структурите“ на старата власта, според познавачите, се чини беше една од опашките која постојано се влечеше зад Сашо Мијалков. Без оглед на контроверзноста одредени видни луѓе од општествениот и политичкиот живот излегоа со изјава дека го почитувале неговиот татко. Еден од нив е и ексминистерот за внатрешни работи Љубомир Фрчковски, кој во една пригода рече дека жали што на времето не дозволил на Сашо Мијалков да му бидат поднесени две прекршочни пријави (едната за тепачка во ноќно кафуле) бидејќи тоа го сторил од почит кон неговиот татко. Ѓорѓи Лазаревски, свиркачот кој заедно со колегата Звонко Костовски ја открија аферата со масовното прислушување во УБК, неодамна рече дека првото унапредување го добил од министерот Јордан Мијалков, а првото деградирање го добил во 2006 година од неговиот син, кога бил вратен на ниво на почетник. Засега никој за Сашо Мијалков јавно не изразил почит. Но, има време!

Тој не сакаше да се експонира во медиумите, но не штедеше тужби за клевета и барање високи отштети токму од медиумите и политичките опоненти. Најблаго речено смешно изгледа од оваа перспектива тужбата на Мијалков против актуелниот заменик министер за животна средина Јани Макрадули за тоа што овој го обвини дека ја злоупотребува опремата за прислушување. На крајот Макрадули беше задолжен да му плати на Мијалков 8.500 евра.

Името на Мијалков неколку пати циркулира во медиумите пред 2007 година – првиот пат на свадбата на Груевски во септември 2001 година, кога Мијалков го зајмил „мерцедесот“ на својот братучед. Вториот пат се спомена во март 2004 година кога под тој ист „мерцедес класа Ц-500“ со чешки ознаки експлодира бомба. Некои тоа го протолкуваа како ситна мафијашка пресметка, некои, пак, како класичен рекетарски обид да извлечат некој денар од џебот на Мијалков кој во тоа време е сопственик на „хациенда“ во Волково, ергела на расни коњи, луксузни автомобили, на кафулето „Балет“….

Практично, од првиот ден откако седнува на позицијата директор на УБК, тој постојано е таргет на опозицијата, која најпрво го обвинува дека цели девет месеци не пријавил анкетен лист, за подоцна да го обвини дека во содејство со негови блиски луѓе се обидува да стави рака на огромен дел од македонските бизниси, но и да ќари преку фирми, како мистериозната „Ексико“, регистрирани во даночните раеви добивајќи милионски тендери.

 

„Мариот“ круна на бизнис империјата

Бизнис-страста и желбата да поседува сè, продолжуваат  по неговата оставка во УБК во 2015 година и по промената на власта. Медиумите истражија дека неговото семејство ја формира „Бест веј инвестмент“, која ја откупува нафтената компанија „ОМ Петрол“, како и складиште за нафта на три бензински пумпи. Покрај тоа, првиот братучед на Груевски, како што беше објавено формира и фирма за товарен патен транспорт, а станува и еден од сопствениците на хотелот „Мериот“, каде што завчера беше уапсен. Но информациите на медиумите потврдени од институции открија дека Мијалкови не застанале тука бидејќи ја купиле и градежната компанија „Софија градба“, која е акционер во „Жито Полог“ и ЗК „Пелагонија“, а со самото тоа станува дел од сопственичката структура на „Здравје Радово“.

„Мене ми се префрла дека сум бил свртен кон материјалниот интерес, а не кон партијата и идеологијата, јас кој и пред и по државната функција живеам работејќи во приватниот бизнис“, му пишува Мијалков во една од епизодите од епистоларната мисија на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, кој го исклучи од партијата бидејќи, наводно, сакал да организира пуч и влијаел на пратениците при гласањето за пристапување кон уставните измени. Притоа, му порача на Мицкоски дека е залутан во политиката и дека е на погрешен пат. Но тој погрешен пат Мијалков веќе успешно го изоди. И не залута. Газеше по него под заштита и на својата „војска“ СГС, самоуверено цела една декада. Сè додека високиот адреналин со кој се движеше по кариерниот ролекостер (со највисок слободен пад) на крајот не го исфрли од шините.

 

Наум Котевски